Фото: Макфакс

Ексдиректорот на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, беше донесен во судница од двајца полицајци од струшкиот затвор за да продолжат сведочењата во врска со случајот со прислушување за кое тој е обвинет.

Во судницата вторпат се соочува со аргументите на новинарите Катерина Цаневска, Саше Димовски и Младен Чадиковски, за прислушување на телефонски броеви, а за кои тие добија и транскрипти, од кои утврдија дека навистина ги воделе разговорите.

Во судницата како сведок се појави и пратеникот Горан Сугарески. Таму беше и ексминистерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, информира Макфакс.

Апелацискиот суд, по одржана јавна седница, ги уважи жалбите на обвинетите, ја укина првостепената пресуда и предметот го врати пред Основниот кривичен суд Скопје на повторно постапување и одлучување.

Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.