Фото: Архива

Политичките партии да не ги компромитираат и да се држат настрана од истрагите за случајот „Онкологија“, како и да ги поддржуваат без резерва, побара денеска Демократската унија за интеграција (ДУИ) откако МВР и Обвинителството отворија предистрага за злоупотреби со лекови за болните од рак на Клиниката за онкологија, односно крадење на терапии и нивно препродавање на црниот пазар.

-Бараме одговорните лица да излезат пред лицето на правдата и да не се злоупотребува за политички цели во време кога државата се наоѓа пред уште еден важен предизвик – велат од ДУИ.

Владејачката партија во соопштението пишува дека со голема загриженост ги следи случувањата околу сомнежите за злоупотреби на Клиниката за онкологија и бара од надлежните институции итна и темелна истрага за случајот.

-Целосно ја поддржуваме акцијата спроведена пред неколку дена од страна на МВР и Обвинителството и ги повикуваме институциите да спроведуваат вакви истраги и во другите клиники и институции. Исто така, апелираме да не се линчува целиот медицински персонал кој секојдневно е на должност и спасува животи – се додава во соопштението на ДУИ.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ претходно обвини дека злоупотребите на Клиниката за онкологија не можеле да се случат без знаење на највисоките структури во клиниката и во владата. Поради тоа, од партијата побараа политичка одговорност, но и темелна истрага после која, како што велат, ќе следи кривична одговорност.