Фото: Влада

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека сите надлежни институции се активно вклучени во расчистувањето на случајот со стомачните тегоби кај голем број граѓани во Гостивар и порача дека ќе има одговорност доколку се утврдат пропусти, пренесе МИА.

При денешната посета на Општина Дебарца, Мицкоски рече дека во тек се анализи на мостри од водата, а паралелно се спроведува и постапка под надзор на Јавното обвинителство.

-Во овој момент сите институции се на терен, се преземаат мерки, се испитуваат мостри од водата и имаме процес што го води и Обвинителството. Мислам дека многу скоро ќе се излезе со информација за тоа што се случило, кој ја дал наредбата за тоа и, се разбира, ќе има одговорност – изјави премиерот.

Тој оцени дека е шокантно што, како што рече, некој можел толку несовесно да постапува и да го доведе во прашање здравјето на граѓаните.

-Не можам да разберам како некои луѓе можат толку дрско и несовесно да се однесуваат. За мене ова е шокантно и навистина неверојатно. Но, случајот нема така да помине. Ќе има одговорност, а таа ќе се утврдува во рамките на судските постапки – нагласи Мицкоски.