Фото: Фејсбук на Христијан Мицкоски

Премиерот Христијан Мицкоски денеска присуствуваше на испраќањето на учесниците на 48. Традиционален Илинденски коњички марш, што се одржа во дворот на црквата „Св. Петар и Павле“ во скопско Горно Лисиче, пренесе МИА.

Во објава на социјалните мрежи, Мицкоски им посака безбеден пат на коњаниците, кои и оваа година ќе ја продолжат традицијата на чествување на Илинден и оддавање почит на илинденците во Крушево.

-Со гордост и почит им посакавме среќен пат кон Крушево, каде што и оваа година ќе им оддадат почит на илинденците и на сите што ја вградија својата жртва во македонската слобода. Нека нивниот пат биде безбеден, а традицијата што ја негуваат продолжи да ги обединува сегашните и идните генерации – напиша Мицкоски на Фејсбук.

Годинава, Мицкоски, во својство на претседател на ВМРО-ДПМНЕ, е покровител на традиционалниот марш.

На свеченото испраќање присуствуваа повеќе министри, градоначалници и други јавни личности, а поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, архиепископот г.г. Стефан, им даде благослов на учесниците пред нивното тргнување кон Крушево.

Меѓу присутните беше и министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, кому му беше врачена благодарница за поддршката на настанот.

-Со гордост и почит кон нашата историја, денеска во црквата „Св. Петар и Павле“ во Горно Лисиче ја испративме нашата коњаница на Илинденски марш кон славното Крушево. Илинден е симбол на македонската борба за слобода, државност и достоинство, а коњаниците ја продолжуваат традицијата на војводите и комитите, носејќи ја пораката за храброста и пожртвуваноста на илинденците – објави Андоновски.

Околу 40 коњаници, меѓу кои и пет девојки, денеска го започнаа патувањето кон Крушево, продолжувајќи ја речиси петдецениската традиција посветена на чествувањето на Илинден и македонските револуционери. Нивната прва станица е Долно Лисиче, по што маршот ќе продолжи кон Петровец и Велес. Пред тргнувањето, коњаниците продефилираа низ улиците на Општина Аеродром.

На 31 јули, учесниците од Горно Лисиче ќе им се придружат на коњаниците од Свети Николе, Кичево и Битола, испраќајќи порака за единство, почитување на традицијата и зачувување на македонското историско наследство.