Основното јавно обвинителство Скопје отвори истражна постапка против четири лица кај кои во текот на викендот биле пронајдени поголеми количества наркотична дрога. Осомничените се товарат за кривичното дело „Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“, согласно член 215 став 1 од Кривичниот законик.
Во првиот случај, истрагата опфаќа татко (50) и неговиот 19-годишен син, кај кои при претрес во семејниот дом на улицата „Македонско-косовска бригада“ биле пронајдени околу пет килограми марихуана, спакувани во повеќе пакувања и подготвени за понатамошна продажба. Полицијата запленила и три дигитални ваги со траги од наркотична дрога.
Под истрага е и 25-годишен жител на Арачиново, кај кого при претрес биле пронајдени околу 1,8 килограми марихуана распоредена во десет пакувања, како и дигитална вага, за кои постои сомнение дека биле користени за подготовка и продажба на дрогата.
Во посебен предмет, обвинителството гони и 23-годишен жител на скопската населба Аеродром. Во напуштена подрумска просторија на булеварот АСНОМ, која ја користел осомничениот, биле пронајдени околу 640 грама амфетамин, 541 жолта таблета, 0,15 грама 3,4-метилен-диоксиметамфетамин (MDMA), како и 69 перфорирани картончиња со траги од ЛСД. На местото биле откриени и дигитални ваги и други предмети со остатоци од психотропни супстанции, кокаин и канабис.
За сите четворица осомничени, надлежниот јавен обвинител доставил предлог до судот за определување мерка притвор.


































