Американската Комисија за нуклеарна регулатива (NRC) предлага укинување на принципот АЛАРА („As Low As Reasonably Achievable“), кој повеќе од пет децении претставува еден од темелите на заштитата од јонизирачко зрачење во Соединетите Американски Држави и во голем број земји низ светот.
Принципот АЛАРА налага изложеноста на зрачење во нуклеарните централи, болниците, научните институции и другите објекти што користат радиоактивни материјали да се одржува „што е можно пониска, колку што е разумно остварливо“, дури и кога законските граници не се надминати.
Според предлогот на NRC, овој принцип би бил заменет со т.н. „степенаст пристап“, кој предвидува различни безбедносни мерки во зависност од нивото на потенцијална изложеност на работниците. Максимално дозволените граници за изложеност на зрачење засега не се менуваат.
Од Комисијата нагласуваат дека реформата не значи намалување на безбедносните стандарди, туку нивно појасно дефинирање.
-Не ја намалуваме безбедносната граница. Само ја отстрануваме двосмисленоста. Стандардите за изложеност на работниците и јавноста остануваат непроменети – изјави претседателот на NRC, Хо Ние.
Поврзано со плановите за развој на нуклеарната енергија
Предлогот доаѓа во време кога американскиот претседател Доналд Трамп најавува значително проширување на производството на електрична енергија од нуклеарни централи, со цел да се одговори на растечката побарувачка предизвикана од развојот на центрите за обработка на податоци и технологиите базирани на вештачка интелигенција.
Минатата година Трамп со извршна наредба побара од NRC да воспостави „научно засновани ограничувања на изложеноста на зрачење“, додека Министерството за енергетика веќе престана да го применува принципот ALARA во своите регулативи.
Поддршка од индустријата, критики од научниците
Нуклеарната индустрија ја поддржува предложената реформа, оценувајќи дека АЛАРА со текот на времето станал нејасен и тешко применлив регулаторен принцип.
-Секогаш ќе бараме начини да ја намалиме изложеноста на работниците и јавноста. Тоа не значи дека ќе дозволиме дозите да се движат до законските граници – изјави Даг Тру, главен нуклеарен службеник во Институтот за нуклеарна енергија.
Од друга страна, дел од експертите предупредуваат дека укинувањето на ALARA би можело постепено да доведе до повисока изложеност на зрачење, иако формално би останала во рамките на дозволените граници.
Едвин Лајман од „Унијата на загрижени научници“ смета дека Комисијата треба да го подобри, а не да го укине принципот.
-АЛАРА треба да се модернизира, а не да исчезне. Тој обезбедува дополнителна заштита за работниците и јавноста – оцени Лајман.
Можно зголемување на дозволените емисии
Еден од најконтроверзните делови на предлогот се однесува на емисиите на радионуклиди. NRC предлага референтната вредност да се зголеми од 10 на 25 милиреми годишно за хипотетичко лице кое живее непосредно до нуклеарна централа.
Од Комисијата тврдат дека реалната изложеност на населението би останала значително пониска, бидејќи луѓето вообичаено живеат на поголема оддалеченост од нуклеарните постројки, а радиоактивните честички се разредуваат во воздухот и водата.
Потреба од усогласување со меѓународните стандарди
Претседателката на Националниот совет за заштита од зрачење и мерења, Кетрин Хигли, оцени дека предлогот содржи позитивни, но и спорни решенија.
Таа предупреди дека задржувањето на сегашната максимална професионална граница од 5.000 милиреми годишно може да стане предмет на критики, бидејќи Меѓународната комисија за радиолошка заштита препорачува просечна годишна професионална изложеност од 2.000 милиреми.
Според Хигли, доколку ALARA биде укинат, Соединетите Американски Држави би можеле да се соочат со потреба од дополнително усогласување со меѓународните стандарди за радиолошка заштита.
































