Фото: Маја Јаневска-Илиева

Лажните дојави за бомби уште еднаш ја покажуваат нефункционалноста на системот и неспособноста на раководните лица кои што ги раководат институциите што се дел од тој систем, изјави вечерва лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, повикувајќи го претседателот Стево Пендаровски да свика седница на Советот за безбедност посветена на бомбашките закани.

– Пендаровски наместо да го свика Советот за безбедност одлучи да делува како аналитичар и цело време тој е згрозен, тој цело време е збунет, цело време е шокиран и така натаму, но без да каже ништо конкретно – изјави Мицкоски во интервју за националниот ТВ сервис.

Според Мицкоски, политичарите од власта не прават ништо за да се надмине овој проблем и дека треба да си заминат и „да дојдат луѓе кои што знаат како да се справат со овие предизвици“.

– Јас не сум од оние луѓе кои веруваат во теории на заговори, па поврзуваат дека ова е некаков си хибриден напад, па ќе се формираат некакви си тела за справување со хибридни напади. Едноставна е работата, имаме систем којшто е поразен и нефукционален и луѓе неспособни кои што го водат тој систем – рече Мицкоски.

Според него, предизвиците со дојавите на бомби се срамота не само за државата, туку и за НАТО, бидејќи земјава како членка на блокот „им прави проблем на останатите земји“ во Алијансата.

– Синџирот е силен онолку колку што е силна најслабата алка во него. Ако сме ние таа најслаба алка системот нема да се скине кај најсилните алки, ќе се скине кај најслабата алка. Така што ова навистина е аларм и за нашите партнери во НАТО. Не треба како политичар устата да ви е полна со НАТО-ЕУ-НАТО-ЕУ, туку да видиме што правите вие за да ги спроведете тие вредности. Очигледно дека нашиве политичари не прават ништо – додаде Мицкоски.