Ковачевски се сретна со Столтенберг

Премиерот на Македонија Димитар Ковачевски ја започна својата прва официјална посета на Брисел со средба во седиштето на НАТО со генералниот секретар, Јенс Столтенберг, јави дописничката на МИА од Брисел.

Шефот на Алијанса истакна дека одлуката на Ковачевски да го посети НАТО веднаш по неговото доаѓање на премиерска функција е доказ за личната посветеност на премиерот кон Алијансата.

– Северна Македонија му се приклучи на НАТО пред речиси две години, вие се покажавте како високо вреднуван партнер, стабилноста на Западниот Балкан е од голема важност за НАТО и ги поздравуваме вашите напори за промовирање на безбедноста, стабилноста и напредокот во регионот, ова го вклучува и вашето учество во мировната мисија во Косово – изјави Столтенберг по средбата со македонскиот премиер Димитар Ковачевски.

Премиерот од своја страна нагласи дека членството во НАТО за Северна Македонија е исполнување на стратешка цел на државата.

– Да се биде дел од НАТО значи безбедност, просперитет и сигурност на мојата земја и на македонскиот народ. Политиката на отворена врата и овозможи на Северна Македонија да ја постигне својата огромна цел и безбедносен успех за нас и за НАТО со тоа што стана 30-та земја-члленка, рече Ковачевски.

Тој додаде дека ова достигнување е доказ за нашиот слободен и сигурен избор како и гаранција за нашата национална и регионална стабилност и безбедност на Западен Балкан, нагласувајќи дека Македонија е горда што е „меѓу најбрзите сојузници кои ја завршиле воената интеграција во НАТО, особено затоа што остануваме посветени на учеството во операциите и мисиите на НАТО“.

Ковачевски и Столтенберг утринава разговараа и за состојбата во Украина.

Ковачевски истакна дека членството во НАТО е исполнување на стратешката цел на земјата и дека Македонија е горда што е меѓу најбрзите сојузници кои ја завршиле воената интеграција во НАТО, особено бидејќи останува посветена во учеството на операциите и мисиите на НАТО.

– Со генералниот секретар Столтенберг разговаравме за ситуацијата со и околу Украина, што претставува закана за и европската и за меѓународната безбедност. Како сојузник на НАТО се приклучуваме кон апелите до Русија да деескалира и да го продолжи дипломатскиот дијалог. Го поддржуваме предлогот на НАТО за тематски состаноци со Русија во врска со состојбата на односите, на европската безбедност со фокус на Украина и транспарентноста, намалување на ризикот и контрола на оружјето. Целосно го поддржуваме суверенитетот на Украина и нејзиниот територијален интегритет во меѓународно признаените граници. Како сојузници, ние сме силни, одлучни и обединети во нашата реакција – изјави Ковачевски.

Столтенберг рече дека НАТО сака да се вклучи во значаен дијалог со Русија. Тој додаде дека НАТО продолжува да апелира до Русија да деескалира и дека секоја натамошна руска агресија ќе има сериозни последици и висока цена.

– Разговаравме за односот на Русија кон Украина и нивното трупање на војници на границите. Има значително движење на руските воени сили кон Белорусија и ова е најголемото распоредување на сили од времето на Студената војна, со очекувани 30.000 борбени трупи, специјални сили, борбени авиони и ракетни системи. Сето ова ќе се искомбинира со годишните нуклеарни вежби на Русија кои што се очекуваат токму во овој момент. НАТО продолжува да апелира до Русија да деескалира. Секоја натамошна руска агресија ќе има сериозни последици и висока цена. Сакаме да се вклучиме во значаен дијалог со нив и веќе го покажавме тоа пред Русија, сакаме да работиме на односите со Русија, да го намалиме ризикот, да ја зголемиме транспарентноста и да ја спречиме пролиферацијата на оружје. Секоја нација има право да го избере својот пат, а НАТО покажа дека може да ги брани сите сојузници. Ние сакаме да најдеме политичко решение за кризата, но вие мора да бидете подготвени за најлошото. Вчера САД најавија дека ќе распоредат сили во Германија, Полска и Романија и ова доаѓа како плус на сите досегашни нивни напори и распоредување на сили во НАТО командите. Ние веќе ја зголемивме подготвеноста на силите на НАТО и сметаме дека ќе треба да има и дополнително распоредување во северниот дел на алијансата. Исто така ги поздравувам и пнудите на членовите на алијансата за распоредување на повеќе трупи и авиони. НАТО ги зближува Северна Америка и Европа во борбата со оваа криза – изјави генералниот секретар на НАТО.