Илустрација: „Нова Македонија“

Сонцето првпат се појавува на знаме како дел од пејзажот на црвеното знаме на кумановската чета во Илинденското востание од 1903 година. Подоцна и предлогот за знаме на независна Македонија, на македонската колонија во Санкт Петербург, од 1914 година, содржи сонце. И тоа знаме е црвено, а сонцето е златно и изгрева од долниот слободен агол

Државните знамиња се огледало на идентитетот на една нација. Кај секој човек државното знаме создава чувство на припадност на колективитетот, на нацијата. Знамето обединува граѓани од иста нација каде и да се во светот.
Секоја земја во своето знаме гледа симбол што ги претставува нејзината историја, традиции, верувања и вредности. Токму со комбинирање на боите и симболите на знамето, заедно со другите државни симболи (грб и химна), народите отсекогаш создавале слика што ги претставува нив во светот. Така е и денес кога секоја држава има единствено знаме, кое се карактеризира со меѓународно признаени и обединувачки карактеристики што го претставуваат карактерот на таа земја. Знамињата се користат за пренесување информации. Тие всушност испраќаат порака за идентитетот, емоциите и намерите на еден народ низ историјата. Нивната симболика треба да се бара пред сѐ во нивните бои, односно во комбинациите на боите и симболите. Конкретно, кај нашето државно знаме, црвената боја означува издржливост, храброст, револуција, крвопролевање, сила, додека сонцето е стилизирана верзија на ѕвездата од Кутлеш, со жолт диск и осум краци наместо шеснаесет. Тоа сонце без никакви поделби и дискриминации еднакво грее за сите граѓани во нивната татковина. Жолтата боја претставена на него секако е симбол на бериќет, а и на правда. Македонското сонце на нашето државно знаме претставува „ново сонце на слободата“ и е опеано во македонската државна химна „Денес над Македонија“:

Денес над Македонија се раѓа,
ново сонце на слободата.
Македонците се борат,
за своите правдини!

Македонија и македонскиот народ низ светот на 15 мај го одбележуваат Денот на македонското знаме. Македонија и Македонците имаат долга традиција на употреба на црвеното знаме. Во поново време црвеното знаме го употребуваат македонските востаници во Разловечкото востание од 1876 година и во Кресненското востание во 1878 година, а црвено востаничко знаме се споменува дека се вее и во Крушево во екот на Илинденското востание. Токму знамето на крушевските востаници станало симбол на борбата на македонскиот народ за слобода и сопствена држава, а не случајно е во втората строфа на македонската химна, каде што се вели „Одново сега знамето се вее на Крушевската Република“. Народноослободителната и антифашистичка борба на македонскиот народ, како продолжувач на илинденската револуционерна традиција, го прифаќа црвеното знаме, но дополнето со црвена петокрака ѕвезда со жолти рабови.
Дополнителна карактеристика на македонското знаме е сонцето. Сонцето првпат се појавува на знаме како дел од пејзажот на црвеното знаме на кумановската чета во Илинденското востание од 1903 година. Подоцна и предлогот за знаме на независна Македонија, на македонската колонија во Санкт Петербург, од 1914 година, содржи сонце. И тоа знаме е црвено, а сонцето златно и изгрева од долниот слободен агол.
– Сонцето добива посилно симболичко значење по откривањето на кралската гробница во Кутлеш во 1977 година. На капак на позлатен саркофаг во гробницата има карактеристична претстава на сонце. Македонската дијаспора почнува да вее црвено знаме со тоа сонце во 1986 година, а во Македонија истото знаме првпат јавно се појавува на блокадите на македонско-грчката граница на 21 април 1990 година, организирани од Светскиот македонски конгрес – вели д-р Јован Јоновски од Македонско грбословно друштво.

Тодор Петров, во својство на независен пратеник, на 1 јуни 1992 година го предлага тоа знаме за државно на сега веќе независна Република Македонија. На тој начин и ова црвено знаме повторно го продолжи континуитетот на веењето на знамето на Крушевската Република. Набрзо потоа, на 27 јуни, со Лисабонската декларација на тогашната Европска заедница, се условуваше признавањето на независноста на Македонија само под име што нема да го содржи зборот „Македонија“. Тоа предизвика голем гнев и протести кај Македонците, кои се кренаа во одбрана на името на својата земја и во гнев кон Грција. Овие чувства стануваат движечка сила да се погледне на античките компоненти во изградбата на „новиот“ симболички идентитет. Така, предложеното знаме беше усвоено на 11 август 1992 година.
Оваа одлука беше дочекана со огромно непријателство од Република Грција, што доведе до тригодишно ембарго. Ваквата ситуација заврши со потпишување на Привремената спогодба меѓу Македонија и Грција, во која беше договорено Македонија да го смени знамето и се обврза да ја обесхрабри јавноста да го користи истото тоа во јавниот простор.
Според д-р Јован Јоновски, дизајнот на новото знаме на Република Македонија му беше доверено на проф. д-р Мирослав Грчев, архитект. Новиот дизајн повторно е црвеното знаме на Крушевската Република, пак со сонце, но овој пат со осум дивергентни зраци што излегуваат директно од дискот. Конечниот предлог беше изменет од проф. д-р Костадин Танчев-Динката, ликовен уметник. Оригиналниот „златен“ сооднос на страните од предлогот на Грчев беше истегнат во 1:2, а зраците беа отсечени од сончевиот диск со имплициран круг. Затоа, дизајнот на знамето треба да се нарече како дизајн на Грчев – Динката. Ова знаме беше усвоено на 5 октомври 1995 година, два дена по атентатот врз претседателот Киро Глигоров. Со тоа почнува да се вее денешното знаме. Тоа има пропорции 1:2, а дијаметарот на дискот е 1/7 од должината на знамето. Црвената боја на заднината опфаќа 2/3, додека жолтото сонце со зраците опфаќа 1/3 од површината на знамето.
– Од вексилолошка гледна точка, промената во 1995 година не доведе до промена на атрибутите на знамето, претставените симболи останаа исти, црвено со жолто сонце. Сонцето со конвергентни зраци беше заменето со дивергентни зраци и притоа не ги изгуби своите атрибути ниту доби други – посочува д-р Јован Јоновски.


При пречекот на словенечкиот претседател Милан Кучан, македонското знаме првпат се вееше при посета на странски државник

Во почетокот на март 1992 година, полковникот Стефан Лазаревски добива наредба да ја создаде првата единица за почести на армијата на Република Македонија, која требало свечено да го пречека Милан Кучан, претседателот на Словенија.
На 17 март 1992 година високата делегација на Словенија, предводена од нејзиниот претседател Кучан, во Македонија била пречекана со највисоки почести. Токму споменатиот ден останува забележан како датум кога првпат при пречек на странска делегација се интонира химната „Денес над Македонија се раѓа“, првпат при пречек на странски државник се постројува почесната единица на АРМ, се вее македонското знаме, а полковникот Стефан Лазаревски е првиот македонски офицер, командант на почесна единица, што на македонски јазик му рапортираше на претседател на странска држава.