Фото: Макфакс/Архива

Основниот кривичен суд Скопје издал упатен акт за бизнисменот Јордан (Орце) Камчев за затворската казна во случајот „Империја“, потврдуваат од судот за медиумите.

За кој датум и во кој затвор тој е упатен за извршување на казната од судот велат дека детали ќе соопштат утре. Исто така, се очекува во текот на утрешниот ден да бидат објавени информации и за упатниот акт за Ненад Јосифовиќ, исто така, дел од случајот „Империја“.

Меѓутоа, упатниот акт не значи и дека тие веднаш ќе почнат да ги издржуваат казните, бидејќи согласно Законот за извршување санкции имаат право да бараат одложување.

Двајцата признаа вина во случајот „Империја“, се спогодија со Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција и добија по една година затвор. Дел од спогодбата е и враќање во државниот буџет на 5,2 милиони евра, кои Камчев преку една од своите фирми ги уплатил во УЈП на 26 април односно набргу по постигната спогодба.

Постигнатите спогодби со двајцата се однесуваат за кривични дела за периодот до 2009 година. Камчев се спогоди за делото злоупотреба на службената положба и овластување, а Јосифовиќ за перење пари и други приноси од казниво дело.