Претседателот на Франција, Емануел Макрон на првиот состанок на Европската политичка заедница во Прага, уште еднаш ја потврди француската поддршка на евроинтегративниот процес на Македонија.
Ова го објави премиерот Димитар Ковачевски на неговиот фејсбук профил.
– Денешниот ден означува почеток на поинтензивна соработка на ниво на Европа како континент, но и пошироко – напиша Ковачевски на Фејсбук.
Ковачевски ја предводи владината делегација, во чиј состав се и министеритре за надворешни работи и за земјоделство, шумарство и водостопанство, Бујар Османи и Љупчо Николовски, што денеска во Прага на покана на претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел и чешкиот премиер Петр Фиала учествува на првиот состанок на Европската политичка заедница. На форумот учествуваат лидерите на 44 држави – 27-те членки на ЕУ, земјите од Западен Балкан, Швајцарија, Норвешка, Исланд, Азербејџан, Грузија, Турција и Украина, како и претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен.
Како што претходно објави премиерот Ковачевски на Фејбук, фокусот на денешните сесии со лидерите во Европа е економијата, енергетиката, безбедноста, заштитата на животната средина, но најважно заедништво за ублажување на последиците од најголемата криза во светот која ја памтиме во поновата историја.
– Само обиденети можеме да се справиме со предизвиците на недостиг на енергенси и храна – наведе Ковачевски во објавата.
На официјалната пленарната сесија воведно поздравно обраќање имал чешкиот премиер Петр Фиала кој ја истакнал важноста на овој значаен собир каде, како што рекол прв пат шефовите на државите и владите од европскиот континент во пошироката смисла, зборуваат на рамноправна основа.
– Станува збор за политичка дискусија на високо ниво со цел да се воспостави соработка на земјите од Европскиот континент во услови на светски и геополитички превирања. Фокусот на Европската политичка заедница се трите најважни и во моментот поврзани прашања кои ги обединува сите земји, а тоа е војната во Украина, состојбата во енергетиката и економијата. Беше нагласена важноста од солидарност со Украина и нејзиниот народ, како и зајакнувањето на рестриктивните мерки со цел да се зголеми притисокот врз Русија и да стави крај на војната – стои во соопштението од Влада.
Лидерите на земјите члени на ЕУ, потенцираа дека целта на Европската политичка заедница е да се даде на земјите аспиранти чувство на припадност кон европскиот клуб пред нивниот формален пристап во ЕУ.