Фото: Принтскрин

Добрососедските односи, реформите и регионалната соработка во услови на криза денеска не беа главна тема на дебатата во Мешовитиот парламентарен комитет – Македонија и ЕУ во Стразбур, на која бугарските европратеници настапија со историски провокации. И покрај реакцијата на останатите европратеници, кои ги спуштаа и слушалките, тие продолжија со обвинувања, коментираа за историска литература, но и за однесувањето на македонската публика на фудбалскиот натпревар Македонија – Бугарија.

-Кажувам нешто многу важно и ве молам да ме слушате. Кажувам нешто важно – рече Александар Јорданов, европратеник од Бугарија.

– Веќе ве слушам многу минути. Ако сакав да знам за литературата ќе одев на универзитетот – рече Тајс Ројтен, европратеник од Холандија.

-Добрососедството повторувам е двостран процес. Ви посочувам дека Советот на ЕУ даде став и во него јасно е наведено дека пред се Македонија треба да направи промена на својот Устав, а после тоа започнуваат реалните преговори за членство во ЕУ – рече Јорданов.

Некои од европарламентарците ги спуштија слушалките несакајќи да ги слушаат бугарските колеги.

На бугарските европратеници им одговорија и македонските пратеници, учесници на МПК.

-Вие мене, ниту на моите сограѓани никогаш не можете да ни кажете дека зборуваме на погрешен јазик. Јас сум Македонка, зборувам на македонски јазик и тоа е мојот идентитет – рече Соња Мираковска од НСДП.

Дека односите на релација Скопје – Софија се нарушени во последните години заклучи и вицепремиерот Бојан Маричиќ кој порача дека за да се подобри атмосферата неоходна е взаемен труд.

На дебатата учествуваше и пратеникот и координатор од ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски кој на социјалните мрежи напиша дека бугарските европратеници без оглед од која партија доаѓаат, бараат бришење на македонскиот јазик.

-Ова повеќе не се само желби искажани напразно, ова е веќе официјална политика на Бугарија кон Македонија, која што во текот на вчерашниот ден, уште еднаш се потврди преку амандмани на Мешовитиот парламентарен комитет во Стразбур, поднесени од страна на бугарските европратеници каде побараа бришење на македонскиот јазик – напиша Мицевски.