Фото: Влада

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска, оствари средба со директорката на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за Централна и Источна Европа, Шарлот Руе и шефот на Канцеларијата на ЕБОР во земјава, Анди Аранитаси.

На средбата присуствуваа заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, министерот за финансии, Фатмир Бесими и директорот на АД за вршење на енергетски дејности Национални енергетски ресурси Скопје, Бајрам Реџепи.

Досегашната соработка на Република Северна Македонија со Европската банка за обнова и развој беше во фокусот на денешната средба, каде беа потврдени заложбите на двете страни успешната соработка да продолжи и во иднина.

На средбата се разговараше за модернизација на патната инфраструктура, железничко поврзување со земјите од регионот, изградба на инфраструктура, заштита на животна средина, како и енергетиката, каде посебен акцент беше ставен на гасниот интерконектор со Грција. На состанокот, претставниците на Европската банка за обнова и развој ја нагласија нивната посветеност во поддршка за реализација на проекти за зелениот развој во земјата и искористување на обновливите извори на енергија.

Премиерот Ковачевски, во име на Владата на Република Северна Македонија, се заблагодари на поддршката од Европската банка за обнова и развој за реализација на проекти од различни области, со што се овозможува забрзување на економскиот раст на земјата, создавање поволна клима за странски инвестиции, како и подобрување на животот на граѓаните, со што државата се движи напред на патот на евроинтеграциите.

– Реализацијата на капиталните проекти се врвен приоритет на Владата. ЕБОР е еден од нашите најголеми партнери во поддршката за имплементација на проекти од повеќе области низ целата држава кои се клучни за подобрување на квалитетот на живеење на граѓаните, но и за развој на економијата – истакна Ковачевски.

На средбата беше истакнато дека соработката со Европската банка за обнова и развој ќе продолжи и во иднина.

Европската банка за обнова и развој е активна во Република Северна Македонија од 1993 година и досега има одобрено 171 проекти во државава, од кои најголем дел се наменети за проекти во јавниот сектор. Таа е најактивната меѓународна финансиска институција која обезбедува поддршка за тековни проекти од околу 900 милиони евра, од кои 760,6 милиони евра се во транспортниот сектор.