фото: Влада

Премиерот Димитар Ковачевски денеска го прими министерот за надворешни работи на Република Грција Никос Дендиас, кој е во еднодневна посета на нашата земја.

За време на разговорот, како што соопшти владината прес-служба, беа потенцирани заложбите на Грција за целосен ангажман и активна поддршка на Македонија во европската интеграција при што беше потенцирано дека Атина ќе продолжи со ангажманот за усвојувањето на преговарачката рамка и за формалниот почеток на пристапните преговори со ЕУ.

На средбата било истакнато дека Владата на Македонија е фокусирана на зајакнување на стратешкото партнерство меѓу двете земји со силна посветеност за исполнување на обврските кои произлегуваат од Договорот од Преспа и изразената подготвеност за целосно спроведување на Акциониот план за интензивирање и збогатување на соработката помеѓу Грција и Македонија.

Во таа насока на средбата биле споделени информации за текот на организацијата на вториот состанок на Советот за соработка на владите на високо ниво, како и за подготовките за одржување на првиот состанок на Комитетот за деловен дијалог кој треба да се одржи во текот на оваа година.

– Од овој состанок, на кој треба да учествуваат претставници на стопанските комори на двете земји и раководните менаџери на повеќе компании, се очекува натамошно унапредување на економските односи меѓу Северна Македонија и Грција која е четврта земја по вредноста на трговската размена која од година во година бележи постојан раст – стои во соопштението.

Министерот за надворешни работи на Грција Дендиас го издвоил посебниот придонес на Македонија во градењето и зајакнувањето на регионалната соработка, стабилноста и добрососедските односи како посебно значаен аспект за регионот и пошироко.