Фото: Сашо Клековски/Фејсбук

Министерот за здравство Сашо Клековски изјави дека состојбата со лицата кои имаат стомачни тегоби во Гостивар е стабилизирана и во моментов нема нови хоспитализации, но апелираше граѓаните да продолжат да ги почитуваат мерките за претпазливост сè додека не завршат интервенциите на водоводниот систем.

 – Бројот на заболени стагнира, но не смее да дојде до опуштање. Од понеделникот имаме резултати од четири чисти и пет загадени контролни точки, што значи дека мерките мора да останат во сила, иако бројките се намалуваат – рече Клековски.

Тој информираше дека кај заболените најчесто се детектирани астровирус и бактеријата шигела, но резултатите не се идентични кај сите пациенти, поради што засега не може да се донесе единствен заклучок за изворот на инфекцијата.

Министерот повторно ги повика граѓаните да се информираат исклучиво преку официјалните канали, нагласувајќи дека препораките се носат врз основа на ставовите на Комисијата за заразни болести.

 – Не упатив критика кон никого. Единствено апелирав да се следат официјалните информации за да не се создава забуна. Контролата на исправноста на водата е надлежност на Агенцијата за храна и ветеринарство, а не на Министерството за здравство – изјави Клековски.

Тој соопшти дека Министерството ги побарало и ги добило сите анализи што ги изработиле Центарот за јавно здравје – Тетово и подрачната единица во Гостивар, а се очекуваат и резултатите од Институтот за јавно здравје.

Според него, дел од анализите покажуваат дека водата е исправна, додека други укажуваат на загадување, но тие се однесуваат на различни контролни точки, поради што е неопходна детална споредба.

 – Сите резултати ќе бидат јавно објавени. Ништо нема да биде сокриено, но потребно е да се направи прецизна анализа за да не се создаде дополнителна забуна – истакна министерот.

Клековски додаде дека во овој момент не може да прецизира кога водата во Гостивар повторно ќе биде технички исправна и безбедна за пиење, бидејќи тој процес го водат други надлежни институции.

Во меѓувреме, анализите продолжуваат. Најсофистицираните испитувања се вршат и на Клиниката за инфективни болести, а досегашните резултати потврдуваат присуство на бактерии и вируси што упатуваат на фекално загадување на водоводната мрежа, како и можно загадување на каптажата од атмосферски води.

Министерот најави дека по завршувањето на епидемијата ќе следува детална анализа за причините за загадувањето, утврдување на хронологијата на настаните и преземање мерки за да се спречат слични случаи во иднина.

 – Мора да има одговорност, но уште поважно е да извлечеме поуки и да ги отстраниме системските слабости што довеле до оваа состојба – порача Клековски.