Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Бојан Маричиќ, заедно со членови на Комисијата, денеска посети три избирачки места во Општина Брвеница, каде што се одржува вториот круг од гласањето за избор на градоначалник, пренесе МИА.
По теренската посета, Маричиќ оцени дека гласањето се одвива слободно и без посериозни проблеми, што, според него, го потврдува и досегашната излезност.
На прес-конференција тој информираше дека до 11 часот на сите 24 избирачки места гласале 2.245 граѓани, односно 13,82 отсто од вкупно 16.256 запишани гласачи.
Најголема излезност е забележана на избирачкото место 2044, каде што гласале 22,12 отсто од запишаните избирачи, додека најмала излезност има на избирачкото место 2047, со 5,33 отсто.
Маричиќ посочи дека излезноста е зголемена за 4,71 процентен поен во споредба со првиот круг. Пред две недели, до 11 часот гласале 1.480 лица, односно 9,11 отсто од запишаните избирачи.
Во однос на заштитата на избирачкото право, до 11 часот до ДИК бил доставен еден приговор, кој бил усвоен, по што на гласачот му било овозможено да го оствари правото на глас.
-На трите места каде што поминавме секаде течеше нормално. Онаму каде што имаше поголем метеж и повеќе обиди за идентификација, сите беа успешни. Тоа што го видовме е зголемен интерес, но и нормален тек на гласањето – изјави Маричиќ.
ДИК утринава ги стави во функција и бесплатната телефонска линија за информации поврзани со остварувањето на избирачкото право, како и посебниот телефонски број наменет за лицата со оштетен слух.


































