Лого/ МД Илинден - Тирана

Излезе од печат 60. издание на македонскиот весник „Илинден“, гласило на истоименото друштво во Тирана.

– Ја споделувам радоста што ете доживеавме да го испечатиме јубилејното 60.издание на весникот, кој и понатаму буди голем интерес кај македонската читателска публика во Република Албанија, во татковината Македонија, како и меѓу македонската дијаспора во светот. Се надевам дека ќе продолжиме со несмален интензитет да информираме со истата сериозност и пристап во објавувањето на темите, а се од интересен за македонското национално малцинство во Албанија, но и за промоција на активностите на македонската дипломатија во правец на подобрување на животот на македонското население надвор од границите на својата матична држава – изјави за МИА, Никола Ѓурѓај, главен и одговорен уредник на весникот.

Во ова издание, покрај другото објавени се написите „Историски ден за Македонците во Албанија: Македонскиот јазик за првпат во официјален документ на Федералната унија на евроските националости (ФУЕН), потоа за учеството на друштвото на Конгресот на унијата, за министерот за локална самоуправа Арбјан Мазнеку, Македонец по потекло од Голо Брдо, во владата на премиерот Еди Рама, за посетата на Бигроски манастир на верници од Тирана, предводени од отец Илија Мазнеку, исто така по потекло од Голо Брдо.

Посебен простор е отстапен на изјавата на Фатри Фетаху: „Горд сум што сум Македонец, Бугарија да престане да бара нација и народ таму каде што нема“, околу обидите на бугарските власти за асимилација на Македонците за време на пописот на населението.

На први март 2011 година како двоброј (март/април) беше испечатен првиот број на весникот, од мај 2017 година весникот е и со електронско издание www.vesnik-ilinden.com.

Во септември истата година, е стандардизиран според меѓународните норми за печатени и електронски периодични списанија со ISSN 2522-6282 (online) и ISSN 2522-4514 (print) и дел од двата најголеми читачи на вести и клиентска датотека во Македонија: grid.mk и daily.mk .