Фото: Игор Бансколиев

Враќањето на задолжителното служење на воениот рок како повод

За воведувањето задолжителен воен рок постојат различни гледања кај стручната јавност. Засега, идејата рециклирана во јавноста од страна на началникот на Генералштабот на АРМ, Васко Ѓурчиновски, ќе остане предмет за дебати и анализи

По подолг период по осамостојувањето и формирањето на Армијата на Македонија, повторно на јавна сцена се враќа предлогот за воведување на обврската за служење на воениот рок. Ова прашање го отвори лично началникот на Генералштабот на АРМ, Васко Ѓурчиновски, кој порача дека земјата би добила многу со враќање на служењето војска. Тој смета дека служењето три месеци војска би ги подготвило младите идни кадри „за какви било можни ангажирања во случај на пожар, поплави, земјотреси“. Како придобивка за младите лица ќе биде и стекнувањето навика за почитување хиерархии и за поголема дисциплина кај помладите генерации, кои поголемиот дел од времето го поминуваат самостојно пред компјутерите и со мобилните телефони.

Државниот врв не ја разгледувал можноста за враќање на задолжителното служење во армијата

За воведувањето задолжителен воен рок постојат различни гледања. Претседателот на државата, Стево Пендаровски, во врска со изјавата на началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, кој предложи враќање на задолжителното служење на воениот рок, одговори дека државниот врв не ја разгледувал можноста за враќање на задолжителното служење во армијата, ниту во изминатиот период, ниту пак таква можност е отворена за во иднина.
– Укинувањето на обврската за задолжително служење воен рок од 2006 година и целосната професионализација на армијата е одлука што е донесена како дел од процесот на трансформација на армијата, во согласност со анализите и процените на ресурсите и потребите на земјата, во целосна координација и консултации со НАТО – истакна шефот на државата и врховен командант на вооружените сили.
Поранешниот воен генерал Стојанче Ангелов, кој е директор на Центарот за управување со кризи, вели дека македонската армија и во овој момент има доволни ресурси за дејствување при вонредни услови и кризи. А во овој момент, припадници на македонската армија учествуваат во обезбедување на границите на Македонија од прилив на бегалци и мигранти.

Фото: Игор Бансколиев

Воениот рок би ја зајакнал желбата за заштита и одбрана на сопствената земја

– Што се однесува до предлогот за служење воен рок, нашиот став како Достоинство повеќе е за примена на концептот за привлекување повеќе доброволни војници. Сметам дека треба да се промени целиот концепт со промена на пристапот кон воената обука, која треба да биде подинамична, возбудлива и предизвикувачка за да стане магнет за младите луѓе. Треба да се воведе стимулативна плата за војниците што доброволно го служат воениот рок во висина на платата на професионалните војници. Привлечната обука и финансиската стимулација ќе придонесат за значително зголемување на бројот на доброволни војници, кои понатаму ќе бидат база од која со соодветна селекција ќе се црпат идните професионални војници – ни изјави Стојанче Ангелов.

Предлогот за враќање на обврската за служење на воениот рок, според социологот Илија Ацевски, треба да се разгледува низ неколку аспекти, кои се особено значајни за општествените и политичките услови што владеат во овој момент.
– Лично сметам дека одењето во војска за младата машка популација е корисно во земја како што е Македонија. За да се постигне поголема социјална интеракција е потребен период не помал од шест месеци. Тоа е некој минимален период во кој младите личности ќе дејствуваат како колектив и за да ги почувствуваат поблиската поврзаност и заедништво. Вториот аспект се однесува на приспособување на личноста на физичките и психолошките предизвици што ги носи колективната средина, надвор од влијанието на родителите, кои, нели, секогаш се тука за нивните деца. Со посебниот воен режим, младите ќе се однесуваат одговорно и ќе ја јакнат сопствената самодоверба, која ќе им биде потребна во натамошниот живот. И третиот аспект е тоа дека со служењето на воениот рок ќе се зајакне желбата за заштита на сопствената земја во која живее. Некако, со развојот на информатичката технологија и со образованието, кое е такво какво што го имаме, се фаворизира индивидуалниот пристап на луѓето кон животот и стануваат сѐ поизолирани едни од други. Некои од младите од различни социјални, етнички и територијални средини првпат би се нашле на едно исто место, пријателството и другарството што ќе произлезат од служењето на воениот рок може да се пренесат и во цивилниот живот – заклучува социологот Ацевски. М.Ј.