Фото: МИА/Архива

Поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков со затворско комбе беше донесен во Кривичниот суд, за да присуствува на судењето за „Титаник 2“, предмет за изборни нерегуларности. Во придружба на двајца полицајци, тој влезе во зградата на судот. Овој спровод се разликува од оној кој беше направен кон крајот на декември, кога тој пешки дојде преку паркингот на судот и влезе во зградата. Пред судницата, го пречекаа тројца негови адвокати.

Судењето започна со прецизирање на обвинителниот акт од страна на обвинителот Гаврил Бубевски. Прецизирањето е по насоките од Апелација, по укинувањето на пресудата.

– При одредени правни прашања како такви ги постави Апелација со укинувањето на пресудата како што веќе еднаш беше донесено во овој суд, по однос на истите обвинети, ќе извршам прецизирање на диспозитивот на обвинителниот акт. Имајќи во предвид дека од доказите се утврди дека треба да отпадне штетата во однос на паричниот износ од 22.000 денари од ова Кривично дело имајќи во предвид дека не е опфатена во умислата на обвинетите и доказите кои одат во тој прилог, ќе извршам и одредена правна преквалификација врз основа на тоа што го прецизирам во обвинението, иако и последицата која е содржана во правната преквалификација веќе беше предмет на обвинение, а тоа е противзаконито да биде избран противкандидатот Васил Пишев. Таквиот објект на заштита е предвиден во правната норма на КЗ, како и повреда на избирачкото право – додаде Бубевски.

Судењето е во фаза на давање завршни зборови, по што следува нова првостепена пресуда. Кривичното дело „примање награда за противзаконито влијание“, на Мијалков му застарува во април. Предметот се однесува на изборни нерегуларности сторени во 2013 година.

Апелација ја укина пресудата во декември 2019 година. Од тогаш до декември 2022 година предметот се суди уште во Кривичен суд. Ова би значело дека е скоро невозможно за четири месеци, пред делото на Мијалков да застари, да се донесе правосилна одлука судска одлука.