Бизнис-заедницата очекува суштинска комуникација со државните институции, не само закажување и одржување состаноци туку и сериозно земање предвид на аргументите што ги изнесуваат и посочуваат компаниите. Меѓу деловната заедница и носителите на економските политики мора да постои суштинско партнерство, порачаа стопанствениците

Бизнис-заедницата ги посочи главните приоритети за 2023 година

Меѓу деловната заедница и носителите на економските политики мора да постои суштинско партнерство. Клучното прашање за секоја мерка што ќе се носи мора да биде „дали тоа ги зголемува конкурентноста и ефикасноста на компаниите. Во 2023 година стопанството ќе се соочи со голем број предизвици. Првиот ќе биде соборувањето на инфлацијата, без да влијае тоа значително негативно врз забавување на економскиот раст, вториот се однесува на шоковите од зголемувањето на цените на енергијата и храната, додека третиот на долгорочното преструктурирање на македонската економија за таа да стане поконкурентна и подинамична, што ќе води до зголемување на животниот стандард, порачаа вчера претставниците на бизнис-заедницата на конференцијата „Економски предизвици во 2023 година: Како да го одржиме економскиот раст и да ја трансформираме економијата“, во организација на Стопанската комора на Македонија.
– Бизнис-заедницата очекува суштинска комуникација со државните институции, не само закажување и одржување состаноци, туку и сериозно земање предвид на аргументите што ги изнесуваат и посочуваат компаниите – порача Зоран Јовановски, советник во Стопанската комора, на првиот панел од конференцијата.
Според Јовановски, четирите клучни предизвици оваа година ќе бидат буџетот на државата, инфлацијата, ценовната конкурентност и екстерната побарувачка за македонските производи и услуги.
– Во однос на очекувањата за 2023 година, би рекол, ентузијазмот кај бизнис-секторот секогаш постои, само бизнис-секторот не е еуфоричен, туку секогаш е умерен оптимист. Минималната плата ќе се зголеми, но не е прашањето дали компаниите може да се справат со трошокот од зголемување на минималната плата, туку кога ќе се покачи минималната плата се набива структурата на плати во фирмите и целата таа структура мора да се подигне нагоре – предупредува Јовановски.
Премиерот Димитар Ковачевски посочи дека бизнис-заедницата во Владата има сериозен партнер и оти решенијата секогаш се бараат низ заеднички дијалог.

– Владата ѝ е партнер на деловната заедница, бидејќи заедничка цел ни е да создаваме подoбри услови за граѓаните, ликвидни и брзорастечки компании, подобро платени работни места, а со тоа и подобар животен стандард за сите во државата – порача Ковачевски.
Претседателот на Советот за унапредување на високото образование и стратегиски истражувања, Глигор Бишев, пак, порача дека тековните услови и предизвици, како што рече, што на краток рок ќе ја стават инфлацијата под контрола, без да се поткопа долгорочниот капацитет за економски раст и трансформација на економијата.
– Кажано со микроекономски јазик, да се собори инфлацијата, а истовремено да се одржат компаниите во кондиција, да инвестираат, да воведуваат нови иновации и технологии, да одговорат на предизвиците на новото време – изјави Бишев.
Според Бишев, можно е натамошно зголемување на каматите за домашната потрошувачка да се сведе на ниво што ќе доведе до рамнотежа со понудата на стоки и услуги.
– Растот на каматните стапки е процес што се одвива во сите земји, со оглед дека инфлацијата е глобална, не нѐ погодува само нас. На тој план, клучното прашање е како да се зголемат каматните стапки, да се намали потрошувачката и на тој начин да се забави инфлацијата и да се намалат инфлаторните очекувања, без да влијаат тоа значително негативно врз инвестициите. На светско ниво и кај нас можно е да очекуваме натамошно зголемување на каматите за домашната потрошувачка да се сведе на ниво што ќе доведе до рамнотежа со понудата на стоки и услуги и да се вратиме на ниво на инфлација што ја паметиме во последните десетина година – изјави Бишев.
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, забележа дека изминатиот период се согледува сѐ поголема поддршка на банкарскиот систем за проектите за енергетска трансформација на економиите.

– Народната банка презема низа активности за поттикнување на зеленото финансирање. Некои од нив се и монетарните мерки, како на пример одлуката за промена кај инструментот за задолжителна резерва, со која се поттикнува кредитирањето на проектите поврзани со домашното производство на електрична енергија од обновливи извори – нагласи Ангеловска-Бежоска.
Заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, укажа и на неколку краткорочни приоритети, како што се намалување и одржување на стапката на инфлација, без притоа економијата да влезе во рецесија. Вториот приоритет е енергетска стабилност и диверзификација, притоа не заборавајќи на социјалниот аспект или праведната транзиција, и започнувањето со креирање на националната развојна стратегија, која нема да биде само економски документ туку стратегија што ќе мапира пат за целокупен развој на нашата земја за следните 20 години.
Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, во видеообраќање посочи дека редоследот за, како што нагласи, расчистување на работите, е функционирањето на правната држава, односот меѓу капиталот и трудот, како и создавањето заедничка стратегија што ќе го поттикне извозот. Тој им порача на политичките елити да размислат сериозно за прифаќање на декларацијата што ја издаде Комората, во која се бара во наредните десет години фокусот да се стави на економијата, а историјата да им се врати на историчарите. М.Ј.