Црногорски државјанин бил лишен од слобода на граничниот премин Табановце, откако системот „Безбеден град“ регистрирал дека возел со 185 километри на час на делница од автопатот Скопје – Табановце, каде што максимално дозволената брзина е 100 километри на час.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, настанот се случил на 14 октомври, во 14:25 часот, кога полициски службеници на излез од државата го провериле 34-годишниот М.Н. од Црна Гора, кој управувал автомобил „БМВ“ со црногорски регистарски ознаки.
При проверката било утврдено дека преку системот „Безбеден град“ бил евидентиран како сторител на кривично дело по член 297-а од Кривичниот законик, односно „безобѕирно управување со моторно возило“.
Прекршувањето било регистрирано на автопатот Скопје – ГП Табановце, кај клучката Дељадровци, каде што возачот се движел со брзина од 185 километри на час, дури 85 километри на час над дозволената.
Тој бил спроведен во полициска станица, а од МВР информираат дека по целосното документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.


































