Северна Кореја во средата тестирала два вида стратешки крстосувачки ракети што се лансираат од подморница, со цел да ги провери оперативните способности на својата морнарица и сигурноста на одвраќањето од воени закани, објави севернокорејската државна новинска агенција КЦНА, пренесува „Ројтерс“.
Пјонгјанг продолжува со развојот на современи подморници способни за лансирање ракети, како и со усовршување на балистичките и крстосувачките ракети, кои ги тестира од различни платформи, вклучително и од постара подморница.
Најновите тестирања ги истакнуваат напорите на Северна Кореја да воспостави веродостојна нуклеарна одбранбена способност од море. Тоа е еден од главните воени приоритети на севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун, иако аналитичарите оценуваат дека земјата досега не ги демонстрирала целосните оперативни способности на ваквиот систем.
Според КЦНА, тестирањата ги набљудувале високи воени претставници, а биле спроведени во морето покрај источниот брег на Северна Кореја. Не биле објавени дополнителни детали за ракетите или за самото лансирање, освен тврдењето дека тестовите немале негативно влијание врз безбедноста на соседните земји.
Јужнокорејскиот здружен штаб соопшти дека ги следел лансирањата со различни средства, од моментот пред лансирањето до крстосувачката и завршната фаза на летот.
Портпарол на јужнокорејската војска изјавил дека, според проценките, едниот вид крстосувачки ракети бил лансиран од вертикален лансирен систем, а другиот од торпедна цевка.
Фотографиите објавени од КЦНА, на кои се гледаат подморница и лансирање ракети, укажуваат дека тестирањата можеби биле извршени од подморницата „Ким Кун Ок Херој“. Станува збор за модифицирана подморница со дизелски погон, која Северна Кореја ја претстави во септември 2023 година, оценуваат јужнокорејски аналитичари.
Шин Џонг-ву, генерален секретар на Корејскиот форум за одбрана и безбедност, изјавил дека тестирањата покажуваат оти се во тек испитувања на борбените системи пред нивното оперативно распоредување.
Тој додал дека Северна Кореја наскоро би можела да тестира и балистичка ракета што се лансира од подморница.
Според одбранбените аналитичари, вертикалните лансирни системи овозможуваат подморниците да истрелуваат ракети побрзо и во поголем број отколку преку торпедните цевки. Тоа потенцијално го скратува времето за предупредување и ја отежнува реакцијата на противничката одбрана.
Хонг Мин, висок истражувач во Корејскиот институт за национално обединување, оценил дека опишувањето на настанот како „рутинска проверка на подготвеноста за мобилизација“, наместо како развојно тестирање, веројатно има цел да покаже дека подморницата се приближува кон оперативно распоредување.
Сепак, тој смета дека Северна Кореја засега има само ограничени оперативни способности, бидејќи сè уште не ги демонстрирала лансирањата од потопена подморница, долгите патролирања и операциите со балистички ракети лансирани од подморница.

































