Германија почна да живее со најцрни сценарија
Католичката црква и Евангелистичката црква изработија рамка за духовна и психолошка помош во случај на воена криза. Во фокус се
ранетите, семејствата на загинатите и траумите на војниците, но иницијативата веќе предизвикува и остри реакции
Католичката црква и Евангелистичката црква собираат повеќе од 36 милиони верници во Германија. Таквата институционална мрежа им дава значајна улога во потенцијалните кризни ситуации. Црковните заедници имаат локални структури, простории и воспоставени контакти со населението, што би можело да помогне при организирање поддршка за евентуален „воен судир“, што и натаму е тренд како психолошки притисок кон јавноста
Во Германија подготовките за можни големи безбедносни кризи сè поотворено ги надминуваат границите на војската и државните институции. Во услови на влошена европска безбедносна состојба, и двете најголеми христијански цркви во Германија започнаа да ја дефинираат својата улога во случај на војна. Имено, Католичката црква и Евангелистичката црква подготвиле заедничка стратешка рамка за духовна грижа и итна интервенција во услови на зголемени меѓународни тензии, активирање на сојузничките механизми за одбрана или евентуална воена состојба. Документот, според германските медиумски информации, ја разработува можната улога на верските институции доколку дојде до активирање на членот 5 од Северноатлантскиот договор, кој предвидува колективна одбрана на членките на НАТО. Сѐ поочигледно е дека подготовките за кризни сценарија повеќе не се ограничуваат само на државните институции. Во нив сè повеќе се вклучуваат и цивилните структури, здравствените служби и институциите што треба да обезбедат психолошка, социјална и духовна поддршка.
„ДУХОВЕН ОПЕРАТИВЕН ПЛАН“
Во центарот на иницијативата е работниот документ со наслов „Рамковен концепт за духовна грижа и итна интервенција во состојба на напнатост, сојузништво и одбрана“. Името можеби звучи административно, но неговата содржина се однесува на едно од најтешките прашања со кои би можело да се соочи германското општество: како да им се помогне на луѓето кога војната ќе престане да биде далечна закана и ќе стане непосредна реалност. Концептот е поврзан со германскиот државен план за одбрана познат како „Германски оперативен план“ (Operationsplan Deutschland). Во неговата основа е процената дека, во случај на голем оружен конфликт во Европа, Германија би можела да стане клучен логистички центар за НАТО. Тоа би значело организирање транспорт на војници и воена опрема, прифаќање голем број раселени лица, згрижување ранети и справување со последиците од евентуални воени загуби. Во такви околности, улогата на црквите би можела значително да се прошири. Од традиционалното духовно советување и богослужбите, нивните задачи би се насочиле и кон систематска помош на луѓето погодени од војната. Евангелистичкиот воен епископ Бернхард Фелмберг, еден од авторите на документот, ја опишал иницијативата како „духовен оперативен план“. Со тоа се нагласува потребата духовните работници да бидат подготвени навреме, а не дури откако ќе започне кризата.
Еден од најважните сегменти на планот е проширувањето на военото и болничкото духовно советување
Според концептот на споменатите цркви, во случај на оружен конфликт, медицинските установи би можеле да се соочат со голем број повредени лица, додека здравствените работници би работеле под исклучителен психолошки притисок. Во такви услови, свештениците и другите обучени духовни советници би требало да обезбедат поддршка за ранетите, нивните семејства и медицинскиот персонал. Особено чувствителна задача би била помошта на семејствата што ќе добијат известување за смрт на близок човек. Црквите предвидуваат присуство и поддршка во моментите на жалост, како и помош при организирањето погреби. Тоа е аспект од подготовките што ретко се наоѓа во центарот на јавните дебати за војната. Зад воените планови, логистичките процени и безбедносните анализи стојат луѓе што би морале да се соочат со загуба, неизвесност и распад на дотогашниот живот. Дополнителен предизвик би претставувало враќањето на војниците од боиштата. Кај дел од нив би можеле да се појават сериозни психолошки последици, вклучувајќи посттрауматско стресно нарушување. Црковната помош во вакви случаи би имала поддржувачка улога, во соработка со здравствените и стручните служби, а не би претставувала замена за медицинскиот третман.
ЦРКВИТЕ ДА БИДАТ „ПОТПОРА НА ЦИВИЛНОТО ОПШТЕСТВО“
И покрај долгогодишното опаѓање на бројот на нивните членови, Католичката црква и Евангелистичката црква и натаму собираат повеќе од 36 милиони верници во Германија. Таквата институционална мрежа им дава значајна улога во потенцијалните кризни ситуации. Црковните заедници имаат локални структури, простории и воспоставени контакти со населението, што би можело да помогне при организирање поддршка за погодените граѓани. Во рамките на подготовките се предвидува и приспособување на богослужбите и молитвените средби. Тие би биле насочени кон зачувување на заедништвото, поддршка на војниците и нивните семејства, како и молитви за мир. Фактот што и верските институции ја разработуваат својата улога во такво сценарио, сепак, покажува колку сериозно во Германија се разгледуваат можните последици од поширока европска безбедносна криза.
И ЦРКВАТА СЕ ПРИБЛИЖУВА ДО ЛИБЕРАЛНАТА ВОЕНА ЛОГИКА?!
Иницијативата на споменатите цркви во Германија не наиде на едногласно одобрување во црковните кругови. Критичарите стравуваат дека ваквиот пристап може да ги приближи верските институции до државните и воените стратегии, со што би се замаглила нивната традиционална улога како гласници на мирот и помирувањето. Екуменското мировно движење „Пакс Кристи“ (Pax Christi) јавно ја осуди иницијативата, оценувајќи дека „подготовките за војна се во судир со основната христијанска порака за мир“. Од една страна, црквите имаат обврска да ги подготват своите служби за најтешките можни околности. Од друга, постои опасност ваквите подготовки во јавноста да се протолкуваат како нормализација на можноста за војна. Токму меѓу овие две позиции се води дебатата што сега се префрла жестоко и на локално ниво. Имено, според објавените информации, католичките бискупи и евангелистичките регионални цркви веќе разгледуваат како на локално ниво да се организираат механизмите за помош во случај на големи катастрофи или воена состојба. Тоа подразбира прашања за координација, достапност на духовни советници и нивно вклучување во системите за поддршка на населението. Но остануваат и голем број отворени прашања, за тоа колку луѓе би биле потребни, како би се распоредувале задачите, со кои институции би се соработувало и каква обука би била неопходна за работа во екстремни услови. Во оваа фаза достапните информации не даваат целосна слика за сите оперативни детали, ниту потврдуваат дека секоја локална црковна заедница веќе има конкретен план за спроведување. Засега, германските цркви не испраќаат доказ дека војната е пред врата. Тие, сепак, испраќаат сигнал дека последиците од евентуален конфликт веќе се дел од нивното „институционално планирање“.
Доне Прентоски, дописник од Германија, специјално за „Нова Македонија“

































