Илустрација / Фото: ЦУК

Регионалниот Центар за управување со кризи (ЦУК) Тетово, за вчерашниот шумски пожар над селото Теарце во Националниот парк „Шар Планина“, тетовско, информира дека е стапено во контакт со оној кој го пријавил, ренџерот кој е вработен во националниот парк, кој известил дека утрово екипа се собира во селото за да се упати кон местото на пожарот. ЦУК Тетово стапил во контакт и со директорот на националниот парк и тој потврдил дека пожарот е се уште активен и дека се гледа од Теарце и Тетово, поточно дека уште согорува и чади.

-За развојот на настаните се известени и силите на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС). Според информациите од терен, до местото на шумскиот пожар над Теарце треба да се пешачи околу два часа, бидејќи позицијата каде што уште гори е многу високо и е на непристапен терен. Вчера ренџерот известил дека тој, со екипа вработени во Националниот парк, се упатени кон локацијата каде што е активен пожарот. Се работело за непристапен терен каде што гори шума. Тие со теренско возило стигнале до околу половина километар од огнот, а потоа продолжиле пеш. Пожарот имал три крака, се ширел на три страни се ширел, на многу тежок непристапен терен и за да се стигне до него потребно е пешачење од најмалку 2 часа. Екипата од националниот парк, заедно со директорот, во момент на вчерашното информирање во 17.30 часот, се повлекувале надолу. Како резултат на метеоролошките и временските услови, поточно на воздушниот притисок, чадот од пожарот се спуштал надолу и истиот им создавал големи проблеми во дишењето на вработените и заради тоа тие се повлекле. Во моментот на вчерашниот увид, е констатирано дека била опожарена површина од околу 5-6 хектари од што дел била букова шума, а дел биле пасишта и папрат. На опожарената површина пред 4-5 години имало пожар и како последица на него има голем број паднати дрвја што сега гореле. Од националниот парк информирале дека имало надеж дека со падот на температурата огнот да се самоизгасне, а дежурна екипа го следела со присуство на терен и преку директен контакт со граѓани коишто престојуваат околу реонот каде што е пожарот. Конкретно, од викендици во месноста „Три води“ од каде што визуелно се гледа пожарот, граѓаните директно го известувале директорот на „Шар Планина“ – информираат од ЦУК.