Фото: Архива

Родителите на петгодишната Јана, која почина во битолската болница, дале искази во Обвинителството. Го добиле и обдукцискиот наод, но и тие, како и Обвинителството, го чекаат извештајот на Институтот за судска медицина.

-Дадовме искази во Обвинителството. Го кажавме сето она што веќе го изјавивме во медиумите. Ни го дадоа наодот од обдукцијата, но за да биде конечен, ќе чекаме да се изјасни Институтот за судска медицина. Ни кажаа дека тоа е процес што ќе потрае, неопходно е да се почекаат сите резултати – вели Кристина Христовска, мајка на петгодишната Јана, за „Макфакс“.

Од Обвинителството веќе известија дека го разгледале наодот од обдукцијата извршена во Клиничката болница во Битола и со наредба побарале, врз основа на сите прибрани докази, да се изјасни Институтот за судска медицина за евентуална причинско-последична врска на медицинскиот третман со причините за смртта.

Петгодишната Јана почина во битолската болница во март годинава, само неколку часа откога била примена со благо покачена температура, дехидрирана, со повраќање и со оток на очите.