Апелационен суд Штип ја одби жалбата на одбраната и го потврди решението за продолжување на мерката куќен притвор за судијата Ѓоко Ристов.
Со оваа одлука, Ристов останува во куќен притвор, откако претходно одбраната побара укинување или измена на мерката.
Судијата, кој претходно работел во Апелационен суд Скопје, се соочува со обвиненија за противправно стекнување и прикривање имот, како и за перење пари. Истрагата беше отворена откако во јануари 2026 година беа пронајдени околу 350.000 евра во кеш, скриени во ѕид во дом во Неготино, без доказ за нивното потекло и без да бидат пријавени.
Случајот произлезе од претходна истрага против адвокатот Фехми Стафа, поранешен државен правобранител, кој во декември 2025 година беше фатен „ин флагранти“ при примање 20.000 евра од договорените 100.000 евра мито.
Според обвинителството, средствата биле наменети за посредување и влијание врз судија од Апелациониот суд за укинување на мерка притвор во конкретен предмет.
Стафа ја призна вината, склучи спогодба и беше осуден на една година и три месеци затвор за кривично дело примање награда за противзаконито влијание.
Врз основа на собраните докази, Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција поднесе обвинение против Ристов, а судската постапка е во тек.
































