Фото: МВР

Три лица попладнево се приведени за време на фудбалски натпревар на стадионот Средно Коњари. Меѓу приведените, како што објавија повеќе медиуми е и новинарот Фуркан Салиу, за што реагираа од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари на Македонија (ССНМ).

– Во однос на приведувањето на лицето Ф.С. од Скопје ја информирам јавноста дека истото е последица на извршен напад на полициски службеници, припадници на Единицата за брзо распоредување кои биле ангажирани за одржување на јавен ред и мир на фудбалски натпревар кој бил оценет како натпревар со безбедносен ризик, а кои во моментот на напад од наведеното лице интервенирале бидејќи дошло до обид домашната публика да се пресмета со гостинските играчи – наведе министерот министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, откако дел од медиумите објавија дека специјални единици го привеле новинарот и сопственик на „Портал Х“, Фуркан Салиу.

-По приведувањето на лицето Ф.С. извршен е преглед на автомобил во негова сопственост и во истиот е пронајден пиштол. Од страна на полициски службеници истиот е приведен во полициска станица каде ќе биде извршен разговор и ќе бидат преземени сите потребни мерки и активности за целосно расчистување и документирање на настанот. Сакам да истакнам дека ја разбирам загриженоста на Здружението на новинари и Синдикатот на новинарите, но МВР мора да постапува еднакво кон секој кој ќе нападне полициски службеник, согласно утврдените законски процедури. Како министер досега покажав дека се залагам за транспарентност и отчетност за работењето на МВР и така ќе остане, но законите во државата мора да важат за сите подеднакво – наведе Тошковски на својата Фејсбук страница.

Во тој контекст, Тошковски ги повика политичките партии, здруженија, синдикати и сите други релевантни фактори „да се воздржат од давање изјави и соопштенија со кои се врши притисок кон полицијата и да остават полициските службеници професионално да си ја завршат својата работа, без политика и исклучиво во согласност со Законот“.

-Јавноста ќе биде целосно информирана за сите детали поврзани со овој случај веднаш по завршувањето на истрагата – наведува Тошковски.

ЗНМ и ССНМ претходно излегоа со апел случајот веднаш да биде расчистен, да се внимава да не се повредат правата на колегата Салиу, а политичките партии да не го користат во своите дневно-политички препукувања и за партиски цели на изборната кампања.

Новинарот Фуркан Салиу се огласи преку Фејсбук профилот на неговиот интернет портал „PortaliX“. Во објавата новинарот Салиу нагласува дека е задржан во полициската станица во Автокоманда и дека поради објективни причини не може да се огласи преку неговиот личен Фејсбук профил.

Салиу кажа дека не ја нападнал полицијата, иако можеби влијаел врз ескалацијата на целата ситуација. Салиу наведува дека полицијата ги избришала снимените материјали, откако биле одведени во полициската станица во Автокоманда.

– Жал ми е што со моето однесување можеби влијаев ситуацијата да ескалира за да завршам со лисици. Жал ми е и ако ве разочарав вас што верувавте во мојата работа. Ве уверувам дека јас не ја нападнав полицијата. Иако се беше снимено, полицијата ги избриша материјалите во полициската станица – вели Салиу.

Новинарот посочува дека без судски налог, како и без негова дозвола бил извршен претрес на автомобилот од страна на специјалната единица на МВР, при што бил пронајден пиштол, за кој Салиу вели поседува дозвола.

– Пиштолот е со дозвола и пронајден во мојот автомобил. За време на моето апсење, телефонот и клучевите ми испаднаа од џебот и ги зеде снимателот. Без судски налог и без јас да бидам присутен како сопственик на автомобилот, беше претресен автомобилот од страна на специјалната единица. Делото за кое се товарам, напад врз полицаец, не држи вода и никогаш не може да се докаже. Ви благодарам за поддршката и се надевам дека ќе се видиме наскоро – стои во Фејсбук објавата на Салиу.

Дел од политичките партии, владини функционери, како и претседателски кандидати, го осудија денешното апсење на новинарот Фуркан Салиу.

Првиот вицепремиер задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, го осуди апсењето на новинарот Фуркан Салиу. Во објава на својата Фејсбук страница, Маричиќ порача дека мора да ја чуваме слободата, бидејќи таа е неотуѓива правдина.

– Денес е Фуркан, утре може да е било кој друг. Режим никогаш повеќе – вели Маричиќ.

Тој во неговата објава нагласува дека државава има доживеано преобразба од период на ограничувања до ера на слобода, истакнувајќи го подобрувањето на Македонија во делот на слободата на медиумите и граѓанските права, во Глобалниот индекс на „Репортери без граници“.

– Дали сме за заробена држава или држава во која се негуваат граѓанските и медиумските слободи и права? Нашата држава доживеа преобразба од период на ограничувања до ера на слобода. Во 2023 година, Северна Македонија се искачи на 38. место во Глобалниот индекс на „Репортери без граници“, покажувајќи значително подобрување во слободата на медиумите и граѓанските права, во споредба со мрачниот период на заробена држава (2013-2016), кога беше на 123 место – вели Маричиќ.

Масовните протести и „Шарената револуција“, Маричиќ вели беа клучни во иницирањето на промените кои следеа, со новата влада која презема значителни мерки за враќање на медиумските и граѓанските слободи.

Според Маричиќ, во периодот од 2013 до крајот на 2016 година граѓанските права и слободи беа згазени со незаконското прислушување на повеќе од 20.000 луѓе.

– Оваа трансформација ја потврдува колективната волја на народот за демократија, покажувајќи дека режимот кој ја потиснува слободата е дел од минатото и дека општеството е единствено кога станува збор за слобода и правда – стои во објавата на Маричиќ.

На апсењето на Салиу реагираше и претседателскиот кандидат на ДУИ Бујар Османи, кој ја осуди, како што кажа, денешната акција против новинарот Фуркан Салиу и побара негово итно ослободување.

-Слободата на говорот е наслов на секое демократско општество – напиша Османи.

Со реакција излезе и претседателскиот кандидат од Коалицијата „Вреди“, Арбен Таравари, кој преку соопштение истакна дека акцијата за апсење на новинарот е извршена под сомнителни услови, додека ја извршувал неговата професија.

Таравари бара итно ослободување на новинарот Салиу и целосно расчистување на случајот.

– Го осудувам апсењето на новинарот Фуркан Салиу. Според сите докази, неговото апсење е извршено под услови на извршување на неговата професија. Барам што поскоро ослободување на новинарот Фуркан Салиу и расветлување на случајот, се сеќавам и на изјавата на Леке Дукаѓини: Гласникот не е виновен за веста што ја дава! Не го осудувајте Гласникот туку Веста – реагира Таравари.

Од Либерално демократската партија реагираат дека ваквото апсење на новинарот Фуркан Салиу е недозволиво во демократска држава.

– Ваквото недостоинствено апсење на новинарот Фуркан Салиу е недозволиво во демократска држава. Ние како Либерал-демократи посочуваме дека новинарот Салиу ниту некогаш бил обвинет за тероризам, ниту претставувал каква било безбедносна закана за да сведочиме вакво радикално однесување од страна на полицијата – стои во соопштението на ЛДП.

Успеав да видам само кратка видео снимка од апсењето на новинарот Салиу, детали за случајот немам. Очекувам и официјалните органи и МВР да кажат и да ја чуеме и другата страна, на новинарот. Но, кога ја видов снимката на која специјалци апсат новинар и тоа повеќемина врз еден, ме врати на старите мрачни времиња на Груевски, кога новинари заглавуваа во затвор и беа тепани и замолкнувани – рече актуелниот претседател и претсаедателски кандидат Стево Пендаровски на граѓанска трибина во Охрид.

Тој додаде дека се надева оти тоа не е знак како тие луѓе би владееле ако добијат шанса, бидејќи, како што кажа, граѓаните се изгорени од тоа.

-Можеби грешам, се извинувам, не ја знам реалната ситуација, но од видеото, 4-5 специјалци фрлени врз новинар, ми е малку симптоматично – рече Пендаровски.

Претседателот додаде дека за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ имаше случаи кога новинари лежеа во затвор и за напишан збор и, како што кажа, не би сакал ова да е лош знак дека ако се врати ВМРО-ДПМНЕ на власт така ќе постапуваат со медиумите.

ВМРО-ДПМНЕ бара целосно да се расветли случајот со приведувањето на новинарот Фуркан Салиу и да му се почитуваат сите негови права и слободи како новинар.

Оттаму наведуваат дека ја бранат и ја почитуваат новинарската дејност и слободата на новинарите да известуваат и пишуваат за настаните и темите од јавен интерес, без било какви пречки.

-Секој еден новинар ја има нашата поддршка. ВМРО-ДПМНЕ не поддржува насилство, и осудуваме било каков напад врз службено лице на МВР. Тоа треба да се осуди од сите чинители и доколку се потврди дека тоа е сторено, тогаш сторителот треба да ги сноси сите последици согласно законите и Уставот – се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.