Фото: ЦУК

Регионалниот ЦУК Тетово, известува дека и денеска (10.8.2O23 година) беа реализирани активности за потрага по исчезнатото лице од село Теново, Општина Брвеница, коешто за исчезнато беше пријавено на 6.8.2023 година. На терен беа двајца вработени во РЦУК Тетово, пет лица од ДЗС Тетово, три полицајци од ПС Жеровјане, три лица од Општина Брвеница како и Градоначалникот, и едно лице-нуркач од ТППЕ Тетово.

За расчистување на дрвјата, што беа паднати во речното корито на река Вардар, беше ангажиран еден багер што е во приватна сопственост. Паднатите дрвјата беа отстранети од реката кај селото Теново, а беше интервенирано и кај браната во село Радиовце каде што е испустот за водата што беше заглавен од наноси на паднати дрвја. Два нуркача од ДЗС пребаруваа детално во реката на местото каде што беа паднатите дрвјата. Согласно досегашните податоци и информации денеска до 16 часот не е пронајдено исчезнатото лице. Потрагата е планирано да продолжи во наредните денови, при што на терен, покрај досегашните ангажирани луѓе, во план е да излезат и 50-тина полицајци што е предвидено да се реализира, согласно потребите, за ден 12.8.2023 година, кои ќе го пребаруваат теренот кај нивите во атарот на с.Теново (во заедничка координација од страна на раководителот на РЦУК Тетово и началникот на СВР Тетово).

Инаку, да потсетиме, согласно редоследот на настаните за пријавата и барањето на исчезнатото лице, РЦУК Тетово, извести дека на ден 6.8.2023 година околу 5 часот од страна на 112 во ЦУК е добиена информација за исчезнато лице од с. Теново, Општина Брвеница. На терен во потрага по изгубеното лице беа излезени и раководителот, заедно со советникот на РЦУК Тетово. Потоа, Регионалниот ЦУК Тетово во координација со припадници од Единицата за Брзо Распоредување (ЕБР) на МВР со помош на дрон вршеле претрага низ полето како и на планински предели над селото Теново. Истовремено, на двете страни од коритото на реката Вардар потрага вршеле тројца нуркачи од ТППЕ Тетово. На терен биле и пет вработени од ДЗС Тетово, три полициски службеници од ПС Жеровјане и четири вработени од Општина Брвеница. РЦУК Тетово во консултација со началникот на ПС Тетово извести дека во текот на потрагата ќе бидат ангажирани и службени полициски кучиња за потрага на теренот што беше и реализирано од вториот ден на потрагата и се остварува во континуитет согласно проценката за можни локации за трагање со помош на куче.