Фото: Архива

Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против три лица, од кои едно во моментов е недостапно на органите на прогонот. Постои основано сомнение дека тие сториле кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и трговија со оружје или распрскувачки материјали“ од член 396 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, односно држеле оружје кое е забрането за граѓаните.

Како што информираат денеска од ОЈО Скопје, во канта за отпадоци, спроти влез од куќа во Ѓорче Петров, тројцата осомничени на возраст од 27, 22 и 19 години, заедно со уште едно до овој момент непознато лице, неовластено држеле автоматска пушка „Type 56“ кал. 7,62×39 мм, од кинеско потекло, автомат „Pleter 91“ кал. 9мм  Pаra од хрватско потекло, како и вкупно 127 куршуми муниција со различен калибар, наменети за испалување од автоматски и полуавтоматски огнени оружја. Ваквото оружје и муниција се целосно забранети за граѓаните и за нивно поседување е предвидена казна затвор од најмалку пет години.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерка притвор за тројцата осомничени, со тоа што за осомничениот кој е во бегство мерката ќе се започне да се применува по неговото пронаоѓање и лишување од слобода.