Националните агенции на ЕУ открија дека увозниците и онлајн пазарите, вклучувајќи го и „Амазон“, имаат повисока стапка на неусогласеност со правилата на ЕУ отколку производителите и дистрибутерите. Во 39 проценти од случаите, компаниите решиле доброволно да ги повлечат своите производи од пазарот, а исто така и од своите веб-страници

ПРАЗНИЧНИТЕ ПОДАРОЦИ ЗА ДЕЦАТА СО СКРИЕНИ, МНОГУ НЕПРИЈАТНИ ИЗНЕНАДУВАЊА

Она што е најкарактеристично за овој празничен период од годината се подароците, особено за најмалите, кои на новогодишните празници се радуваат најмногу, бидејќи ќе ги добијат одамна посакуваните играчки. Најчесто дедомразовци во овие случаи се родителите, и тоа е сосема оправдано, бидејќи нема родител што на своето дете не сака да му ја купи посакуваната играчка. Но токму тоа треба да биде поголема причина внимателно и со многу љубов да се избере подарокот или играчката што најмногу ќе го израдува детето, но во исто време ќе биде безбедна и сигурна во детската игра, бидејќи во празничните денови што следуваат токму таа играчка најдолго ќе биде во рацете на детето и со неа ќе минува најмногу време. Затоа, при купувањето играчки, сигурноста и безбедноста би требало да бидат највисоко во критериумите за избор.
Секоја година се случува некој скандал што е поврзан со безбедноста на играчките и производите за деца. Оваа година, Европа беше потресена од информацијата дека токсични материи биле забележани во 400 од 2.400 контролирани производи што минатата година биле контролирани во 26 земји членки на ЕУ. Утврдено е дека една од четири играчки, како што се кукли, костими, душеци за играње и пластични фигури, ги прекршуваат законите на ЕУ за опасни хемикалии.

Тревога: Опасни хемикалии се ослободуваат при користење детски играчки

Националните агенции на ЕУ открија „прекумерно ниво на опасни хемикалии“ како што се олово и пластификатори во 18 отсто од тестираните производи за широка потрошувачка. Најчесто контролирани производи што содржат токсични хемикалии се електричните апарати, спортска опрема, играчки и модни производи.
Извештајот на националните агенции на ЕУ нагласува дека увозниците и онлајн пазарите, вклучувајќи го и „Амазон“, имаат повисока стапка на неусогласеност со правилата на ЕУ отколку производителите и дистрибутерите. Во 39 проценти од случаите, компаниите решиле доброволно да ги повлечат своите производи од пазарот, а исто така и од своите веб-страници.
Истрагата покажа дека компаниите не го почитувале водечкото законодавство на ЕУ за хемикалии РЕАЦХ во 13 отсто од случаите.
Стратегијата на ЕУ за хемикалии за 2020 година се обврзува да ја забрани несуштинската употреба на најштетните хемикалии во производите за широка потрошувачка. Европската комисија минатата недела предложи да се изменат три закони за да се забрзаат ограничувањата за најопасните хемикалии.
Предлогот, исто така, има цел да ја зголеми соработката меѓу различните агенции на ЕУ и да го подобри собирањето податоци за хемикалиите што се наоѓаат во телата на луѓето за подобро да се проценат нивоата на изложеност.
– Новите мерки ќе го скратат јазот помеѓу идентификацијата на можен ризик и неопходното регулаторно дејство – најавија од комисијата.
Во исто време, активистите тврдат дека таквите законски измени можат да помогнат да се спречат ситуации како оние поврзани со контаминација со ПФАС.
Како што беше објавено во ноември, истрагата на ЕЦХА, исто така, откри токсични хемикалии во производите за детска нега, како што се пелени, автомобилски седишта, лигавчиња и душеци за менување бебиња. Кога станува збор за пелени, истрагата покажа дека овие производи може да содржат токсични хемикалии и метали како што се кадмиум, кобалт и олово.

Родители, внимавајте што купувате!

Предбожиќните и предновогодишните празници, кои се поврзуваат со разменување дарови и дарување, според криминалистите, „секогаш се одлична можност за криминалните умови да измислат или да направат некоја злоупотреба од која ќе извлечат поголема или помала кривичноправна корист“. Во овој период, според експертите за борба против криминалот, „тоа најчесто се изразува преку производството на фалсификувани играчки, кои се продаваат по поевтини и пристапни цени за родителите“. Забелешка на експертите е дека „криминалните организации заработуваат огромни суми, кои потоа ги користат за низа други криминални активности“…
Полициските власти и Европол речиси секоја година во овој период од годината ги предупредуваат родителите и сите други да бидат внимателни кога купуваат играчки, како и да обрнат внимание на тоа како да ги распознаваат фалсификуваните играчки за деца.
Супстандардните недозволени играчки, вклучувајќи ги и оние што се небезбедни, па дури и токсични, претставуваат опасност на пазарите и во домовите и ги изложуваат нашите деца на неконтролирани здравствени ризици.
Овие ризици вклучуваат електрични шокови и изгореници, опасност од задушување, како и токсичност.
Токму затоа Европол препорачува родителите, кога купуваат играчки, особено да бидат внимателни и да ги купуваат од доверливи продавници.
– Ако купувате од трговци на мало што се реномирани и долгогодишни, ќе биде полесно да ги повикате на одговорност и да ги следите доколку има проблем со вашето купување. Нелегалните продавачи на играчки често привремено се лоцираат на премини или јавни места, како што е надвор од железничките станици, пазари или на тротоари. Избегнувајте да купувате од сомнителни продавачи на овие необични места – предупредуваат од Европол.
Оттаму додаваат дека е потребно да се проверат и да се прегледаат производите на интернет, каде што секој може да прочита позитивни или негативни коментари за играчките.
– Проверете ги критиките за производите, понекогаш позитивните критики се всушност лажни, затоа погрижете се да проверите и зошто луѓето што дале лоши критики не се задоволни. Можеби ќе сакате да ги проверите критиките на другите производи што ги продал продавачот – дали некој од нив споменува проблеми со безбедноста – велат оттаму.

На интернет нема што нема, но купувачот треба да внимава на апсолутна исполнетост на стандардите од страна на производителот

Од особена важност е кога купувате играчки да знаете од кого ги купувате. Токму затоа, последен избор треба да бидат онлајн продавниците што со години имаат лоша репутација како последица на измами и неквалитетни производи.
– Кога сте на онлајн пазар, веројатно купувате од продавач на трета страна, кој би требало да спомене од каде му се набавени производите, но тоа речиси никогаш не е јасно наведено. Можете да кликнете на тој линк за да видите што друго продава и какви оцени му дале потрошувачите – информираат оттаму.
Исто така, нагласуваат дека ако цената е премногу добра за да биде вистинита, веројатно нешто не е како што треба.
– Во овој случај купувачот треба да знае дека големите попусти може да бидат показател дека играчките се фалсификувани – велат експертите од Европол.

Ознака за разликување

Сигурно барем еднаш во животот сте слушнале за ознаката ЦЕ, односно СЕ. Таа ознака е задолжителна за проверените и безбедни детски играчки.
Покрај оваа ознака, потребно е доколку играчката содржи електроника, да има етикета за електрична безбедност, возрасна граница, земја и адреса на потекло, препораки од ЕУ, знак за предупредување, како и безбедносни упатства.
– На пример, отсуството на пакување, известување или играчка продадена во проѕирно пластично ќесе (без никаква етикета/индикации) е индикатор за ризик. Вообичаеното погрешно означување вклучува и погрешно напишано име на брендот, други правописни грешки, повеќе бар-кодови, преценета возрасна оцена (на пр. означува 0-5 наместо 0-3), името на производот и брендот во огласот и на фотографиите се различни – информираат од Европол.
Па така, според нив, ако играчката е од познат бренд или е една од најпродаваните годинешни, потребно е да се провери дали логото, името и играчката се совпаѓаат со рекламите што вообичаено се објавуваат на друго место.
Оттаму додаваат дека пакувањето со низок квалитет, само во пластично ќесе, најверојатно е фалсификувано. Оние играчки што се купуваат спакувани во кутии за кои играчката е прицврстена со жици е оригинално пакување, но пакувањето секогаш треба добро да се уништи кога ќе се фрла, за фалсификаторите да не го искористат за да пакуваат фалсификати во нив.

Пазарите во земјава се полни од фалсификувани играчки

Играчки со лош мирис, т.н. „слајмови“ со сомнителен квалитет, играчки што при контакт со кожа испуштаат боја се само мал дел од производите наменети за деца што се продаваат и во нашата земја.
Пазарите, маркетите, локалните продавници се преполни со евтини детски играчки. Некои од нив кога ќе ги отворите мирисаат на хемикалии, други пуштаат боја, трети немаат никаков доказ за потеклото ниту, пак сертификати за составот, препорачана возраст и слично. Според достапните информации, кај нас се продавале и играчки штетни за детското здравје, бидејќи биле преполни со штетни хемикалии.
На нашиот пазар сѐ уште се продава познатата детска играчка „слајм“, по цена од педесет денари, па речиси нема дете што ја нема во своите раце. Истражувањата покажаа дека „слајмот“ содржи енормно високи количества бор, односно дури четири пати поголема концентрација на оваа хемикалија од дозволеното според европскиот стандард. Борот е опасна хемикалија, која може да предизвика иритации на нежната детска кожа, дијареја, главоболка, повраќање, депресија, а може да предизвика штета и на бебе во утробата на мајката.


ЕУ гласно упати предупредување уште пред неколку години за „опасните производи на пазарите“

Според извештај на ЕК и системот за предупредување на опасни стоки направен уште пред неколку години, земјите членки на Унијата се преплавени со небезбедни играчки и сомнителни производи што содржат токсични количества олово, кадмиум, антимон, но и други опасни материи. Ова, меѓу другото, се наведува во последниот извештај објавен од страна на Европската комисија, спроведен од системот за предупредување на опасни производи во Унијата, кој минатата година регистрирал рекорден број штетни стоки, меѓу кои во некои од нив биле пронајдени токсични материи што се штетни по здравјето на луѓето во земјите членки на ЕУ.
Меѓу алармантните производи што се наведуваат во извештајот на ЕК за кои Брисел најмногу стравува од нивната употреба се детските играчки, меѓу кои се пластичните играчки, како автомобилите на батерии, кадифените мечиња, но и лигавите играчки познати како „слајм“.
Дополнително, меѓу другите проблематични производи, во извештајот на ЕК се наведуваат дури и некои автомобили, уреди за домаќинство, но и козметика.