Фото: Маја Јаневска-Илиева

За предизвиците, економските очекувања, но и за мерките што треба да се преземат во 2024 година говорат потпретседателот на Стопанската комора, Виктор Мизо, претседателот на Сојузот на стопански комори, Трајан Ангелоски, и претседателот на Стопанската комора на северозападна Македонија, Менди Ќура

Бизнис-заедницата и стопанските комори за приоритетите во 2024 година

Новата 2024 година почна со ризици што се прелеваат од минатата 2023 год. и кои се рефлектираат врз економските текови. Растот на БДП е под ризик и од надворешни и од внатрешни фактори. Голем број предизвици се пред нас, а надежта е дека државата ќе направи некои поголеми реформски чекори и промени на економски план оваа 2024 година, без разлика на тоа што ни претстои изборен процес, кој вообичаено креира застој и дефокус од економските теми.

Стопанствениците и бизнисмените со одговор на повеќе
прашања: Неопходен исчекор на националната економија

За тоа какви се очекувањата за наредната година, какви се можностите за стопанството, кои се предлозите и мерките за подобрување на економијата, како да се надминат опасностите што и понатаму се надвиснати над неа…? Какви системски решенија се потребни за повисок економски раст? На што треба да се фокусираме во новата 2024 година за да имаме отскок во економијата, зборуваат претседателите на најголемите стопански комори во земјава.
– Во 2023 година, светот се соочи со голем број предизвици, кои секако дека силно се рефлектираат и врз Македонија, а особено врз економските текови како силно зависни од европската економија. Високата инфлација (иако со надолен тренд), високите каматни стапки, економското забавување, па дури и рецесија во големите европски економии (пред сѐ кај нашиот најголем трговски партнер Германија), која влијаеше на намалена побарувачката на производи и услуги, несигурноста и стравот од војната во Украина, новоотвореното воено жариште – израелско-палестинскиот конфликт, проблемите што сѐ уште постојат во синџирите на доставувачите, притисокот за диверзификација и помала зависност од Кина, како и недостигот од чипови, кој сѐ уште се провлекува, најновите проблеми со транспортот поради нападите во Црвено Море итн. се дел од глобалните случувања што влијаеја врз економскиот развој во 2023 година во светски рамки, ова се првите укажувања на потпретседателот на Стопанската комора, Виктор Мизо.
– Според ОЕЦД, глобалниот раст, иако многу фрагментиран, ќе забави оваа година, бидејќи сѐ уште високите каматни стапки како резултат на инфлацијата негативно ќе влијаат на економската активност. Не се предвидува забрзан раст до 2025 година, кога се очекува водечките централни банки агресивно да ги намалат трошоците за позајмување. Дотогаш, глобалниот бруто-домашен производ се предвидува да се зголеми за 2,7 отсто во 2024 година, што е мало намалување од 2,9 отсто во 2023 година. Полека, но сигурно светот се менува и процесот на глобализација еволуира во потенцијално ново глобално геостратегиско опкружување, особено ако се анализира драстично намаленото ниво на странски директни инвестиции во Кина и растот во земји како Мароко, Виетнам и Малезија – истакнува Мизо.
Во 2024 година, тој вели дека очекува автомобилската индустрија на глобално ниво да остане во „ниска брзина“ со раст на продажбите од околу 3 отсто, а во Европа од под 2 отсто. Трендот на електрификација ќе продолжи, но со побавно темпо и со сѐ поголем број кинески брендови на европскиот пазар. Нови ѕвезди – инвестициски локации, се Мароко, Малезија и Виетнам.

Виктор Мизо

– Геополитичките ризици, како и ривалството меѓу САД и Кина, ќе ги принудат компаниите да ги адаптираат своите синџири на снабдување и инвестициски стратегии. Овде ја гледам можноста за потенцијално поентирање, пред сѐ од страна на постојните инвеститори во Македонија и префрлање на дел од производството кај нас, но и на привлекување нови инвеститори. Македонија има потреба од брзо адаптирање на глобалните економски текови и итно ресетирање што ќе овозможи поволна бизнис-клима во државата. Овде особено мислам на сите оние барања што веќе подолг период ги предлагаат странските инвеститори, а реално се во корист на сите компaнии во земјата, кои во рамките на своите можности и на законски начин се борат за успех и развој на домашниот или на глобалниот пазар, како: предвидливост и конзистентност на законската регулатива, намалување на узвозните царини на ниво на оние во ЕУ, активен фокус на инфраструктурните прoекти во државата, компетентност на државната администрација и интензивирање на комуникацијата (не од типот на „декларативна иклузивност“ пред очите на јавноста, туку длабокa и искрена, со конкретни рокови и лични одговорност), намалување на непотребните давачки, обезбедување на доволно расположлива и квалификувана работна сила преку коренити промени во образовниот систем, поголеми вложувања во високото образование, како и стимулирање на соработката помеѓу бизнисот и универзитетите од страна на државата – објаснува Мизо.
Тој вели дека условите за водење бизнис се нераздвоен дел од општиот демократски амбиент во државата и затоа ги нагласува и потребите за унапредување во делот на правда и правичност, неселективност при спроведување закони и казнување, одговорност, спречување на корупцијата и други.
– Многубројни предизвици се пред нас и се надевам дека државата ќе направи некои поголеми чекори и промени на економски план оваа 2024 година, и покрај тоа што ни претстои изборен процес, кој вообичаено креира застој и дефокус од економските теми. Сметам дека обврска и должност на секој политички фактор во државата треба да биде унапредување на амбиентот за водење бизнис, без разлика дали е на власт или во опозиција, дали е предизборен период или не, и секој следен чекор напред во развојот на државата да го чувствува како заеднички успех, кој ќе се мери единствено преку стапката на економски раст и економската благосостојба на граѓаните – нагласува Мизо.
Потпретседателот на СКСМ се надева дека тоа што како општество ќе почнеме да го учиме следната година е дека за растот на економијата, унапредувањето на бизнис-климата и стандардот се битни вредностите и принципите за кои секојдневно и напорно се работи, ги надградуваме и ги воспитуваме генерациите што доаѓаат. Затоа, тој вели дека треба да се фокусираме на нив и на сите неопходни реформи, колку и да се тие тешки, не бидејќи Европа го бара тоа од нас, туку за наше добро и подобра иднина.

Човечкиот капитал е економски столб

Оваа 2024 година ќе биде бескорисна доколку првично не се адресираат сите слаби точки на системот за кои бизнисот особено алармираше во последните две години, а несомнено предлозите и препораките на бизнис-заедницата се со социоекономски карактер, гарантираат зголемување на конкурентноста, подобрување на животниот стандард и, секако, економски раст и развој, истакнува претседателот на Стопанската комора на северозападна Македонија, Менди Ќура.
– Имајќи ги предвид кризите што ја опфатија нашата земја последните четири години, и покрај тоа што истите тие „ги надминавме“, последиците сѐ уште ги чувствуваме. Почнувајќи од тука, сметаме дека проблемите треба да се третираат соодветно, а пред сѐ, треба да се одредат приоритетите според тежината и важноста. Стопанската комора на северозападна Македонија последните 12 месеци беше најгласна кога станува збор за работната сила, нејзиното зачувување и спречување на масовното иселување на младите од земјата. Сметаме дека на човечкиот капитал треба да му се обрне повеќе внимание бидејќи конкурентниот аспект на секоја земја зависи токму од овој економски столб – воочува Ќура.

Менди Ќура

Како што вели тој, сите макроекономски показатели се нерелевантни кога нашиот бизнис нема кадар со кој ќе може да ја реализира визијата за проширување и раст.
– Со цел да ги задржиме младите во земјата треба да работиме на краткорочен план што ќе ја подобри социоекономската перспектива на младите во земјата, почнувајќи со зголемување на платите, а паралелно со тоа да се намалат придонесите на платите во нашата земја бидејќи С. Македонија ги има највисоките придонеси во регионот, но и пошироко – додава Ќура.
Од друга страна, вели тој, ќе треба да се работи на креирање услови за инвестиции, преку идентификација на секторите со потенцијал и преку разгледување на потребата од инфраструктурни проекти и инвестиции, и токму во тие проекти да се инвестира со цел да станеме уште поагилни и побрзи што се однесува на оперативните активности на бизнисот, бидејќи технологијата и добрата инфраструктура ја забрзуваат економијата.
– Еден друг сегмент на кој ќе треба да се фокусираме во 2024 г. е и образованието, кое треба да почне да произведува соодветен кадар што ќе ѝ овозможи на нашата економија да конкурира со силната конкуренција, која допрва ќе се појави при евентуално зачленување во Европската Унија. На нашата земја ѝ треба нов економски идентитет што ќе нѐ направи познати по извозните капацитети, енергетската независност, зелената и циркуларната економија, со што ќе се зголеми потенцијалот на домашните компании да учествуваат во странските пазари. СКСЗМ претставува силен партнер и поддржувач на Владата и институциите кога се во прашање економските и образовните реформи, со цел да се постигне најголем можен ефект на тие реформи, а ќе продолжуваме да бидеме коректор на макроекономските политики – укажува претседателот на комората.
Според него, оваа година, но и понатаму, не смее да имаме ретроактивни даноци како што беше случајот со солидарниот данок, но, исто така, Владата треба да престане да интервенира во пазарот, бидејќи времето на регулирана економија е поминато пред 32 години.

Без храбри чекори нема економски потенцијал

Минатата 2023 година ја завршивме со многу низок раст, што претставува навистина лош краен резултат на еден временски период и кој можеби ја отсликува реалната слика во економијата, смета претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија, Трајан Ангелоски.
– За жал, во следниот период и глобалните очекувања не се нешто нагласено оптимистички, но специфично за нашата економска состојба е што ние во овој ист период остваруваме потпросечни економски резултати. Ние од Сојузот на стопански комори континуирано бараме структурни реформи, модернизација, приватизација, дигитализација и изградба на големи инфраструктурни објекти, сѐ со цел нашата економија и држава да остварат прогрес и полека да се обидеме да фатиме приклучок кон развиените земји и економии – посочува Ангелоски.

Трајан Ангелоски

Тој истакнува дека доколку вакви храбри чекори не се направат, тогаш ќе имаме состојба каде што нашите граѓани нема повеќе да ја гледаат својата перспектива во нашата земја и масовно ќе се иселуваат, а ваквите појави ќе доведат до трајна загуба на економскиот потенцијал.
– Оваа 2024 година ни претстојат избори, кои ќе ни окупираат еден добар дел од времето и покрај другите неповолни движења ќе претставуваат дополнително негативно влијание – додава Ангелоски.