Основното јавно обвинителство – Штип поведе постапка против две лица вработени на Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) – Штип, поради сомнение дека како соизвршители сториле кривични дела „Злоупотреба на службената положба и овластување“ од член 353 став 4 во врска со став 1, како и „Компјутерска измама“ од член 251-б став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
– Пријавените, во својство на службени лица – вработени во Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, ја искористиле службената положба, со што прибавиле за себе поголема материјална корист – соопштија од обвинителството.
Според писменото соопштение, двете лица во периодот од 2021 до 2026 година ги пречекориле границите на своите службени должности и овластувања. Второосомничената, вработена како референт за студентски прашања на еден од факултетите, по добиени насоки од првоосомничениот, раководител на Секторот за „Е-Индекс“, внесувала невистинити податоци во информатичкиот систем на Универзитетот.
Со незаконски дејствија на менување, бришење или прикривање податоци во базата на електронскиот индекс, осомничените предизвикувале невистинити резултати при електронската обработка и преносот на податоците. На тој начин, според обвинителството, се стекнале со материјална корист која засега се проценува на околу 21.000 евра.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени.



































