Македонија го подобри нивото на подготвеност за членство во Европската Унија и е меѓу земјите кандидати со највисок степен на усогласеност со европското законодавство. Сепак, за деблокирање на пристапните преговори и отворање на првиот кластер „Темели“, земјата треба да ги усвои уставните измени договорени во 2022 година, со кои се предвидува вклучување на малцинствата во Уставот. Ова го порача еврокомесарката за проширување Марта Кос на денешната прес-конференција во Брисел, по повод презентацијата на Пакетот за проширување за 2026 година.
Кос оцени дека земјата во изминатиот период ги забрзала реформите во рамките на Планот за раст и вложува значителни напори за подобрување на подготвеноста за членство во ЕУ. Сепак, таа посочи дека се очекува дополнителен напредок во борбата против корупцијата и спроведувањето на реформата на јавната администрација.
– Во однос на усогласеноста со законодавството на ЕУ, Северна Македонија е меѓу земјите со највисоко ниво на подготвеност. За да ја деблокира следната фаза од пристапните преговори и да го отвори првиот кластер „Темели“, земјата треба да ги усвои уставните измени договорени во 2022 година, кои се однесуваат на вклучувањето на малцинствата – изјави Кос.
Таа нагласи дека без исполнување на овој услов Европската комисија не може да му предложи на Советот на ЕУ преговарачка рамка.
– Сè уште е повлечена рачната сопирачка на пристапните преговори на Северна Македонија – рече Кос, посочувајќи дека политичките одлуки се клучни за напредокот на секоја земја кандидат.
Осврнувајќи се на напредокот на другите земји кандидати, еврокомесарката оцени дека Црна Гора, Албанија, Молдавија и Украина се предводници во процесот на проширување.
За Црна Гора истакна дека е најблиску до членство во ЕУ, со јасно утврден пат кон потпишување на пристапниот договор до следното лето.
Албанија, пак, ги отворила сите преговарачки кластери за нешто повеќе од една година, а нејзиниот следен предизвик е да го задржи темпото и да ги забрза реформите.
Во однос на Молдавија, Кос посочи дека земјата постигнала значителен напредок и покрај силните надворешни притисоци. Ги исполнила условите за отворање на сите преостанати преговарачки кластери, а во наредниот период е неопходно да се интензивира спроведувањето на реформите и борбата против корупцијата.
Украина, според Кос, продолжува со сеопфатните реформи и покрај руската агресија. Европската комисија очекува до крајот на годината да бидат отворени сите преостанати преговарачки кластери, а реформскиот напредок на земјата во воени услови, како што нагласи еврокомесарката, заслужува посебно признание.
За Босна и Херцеговина таа оцени дека заостанува на европскиот пат, но дека по изборите постои можност за обновување на посветеноста на реформите и придвижување кон отворање на пристапните преговори.
Во однос на Косово, Кос посочи дека политичката стабилност е неопходна за напредок на европскиот процес, предупредувајќи дека измените на законодавството за специјализираните совети би можеле да го блокираат понатамошниот напредок.
За Србија, Европската комисија констатирала назадување во основните области, особено во почитувањето на основните права, слободата на изразување, реформата на јавната администрација и академската слобода, и покрај високото ниво на усогласеност со законодавството на ЕУ.
Грузија, како што посочи Кос, фактички го запрела пристапниот процес по сериозното демократско назадување. Турција, пак, останува земја кандидат и стратешки партнер на ЕУ, но условите што доведоа до застој во пристапните преговори и натаму се присутни.
Осврнувајќи се на вкупните резултати од процесот на проширување, Кос оцени дека се постигнати повеќе резултати отколку во кој било период во изминатите 25 години. Само во текот на оваа година биле отворени или затворени 61 преговарачко поглавје, а до крајот на годината се очекува да бидат опфатени уште повеќе од 30.
Таа истакна дека постигнатите резултати не се заслуга само на земјите кандидати и Европската комисија, туку и на земјите членки кои го поддржале секој чекор од пристапниот процес.
– Ова не е достигнување само на земјите кандидати, ниту само на Европската комисија, туку и на земјите членки кои го поддржаа секој чекор од пристапниот процес. Тоа е нашиот заеднички успех – порача Кос.
Според неа, разликите во напредокот меѓу земјите кандидати покажуваат дека политичката волја и конкретните одлуки се одлучувачки за темпото на пристапување, додека реформите остануваат основен услов за напредок кон членство во ЕУ.
Калас: Поголема ЕУ значи посилна европска безбедност
Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, порача дека проширувањето на Унијата ќе придонесе за зајакнување на европската безбедност, зголемување на нејзината геополитичка тежина на меѓународната сцена и отворање нови економски можности.
Таа посочи дека безбедносната состојба во Европа значително се влошила во изминатата година, со зголемување на воените конфликти, стратешката конкуренција, економската неизвесност и саботажите насочени против Европа.
– Нашата сила е во бројноста. Поголема Унија значи и зајакнување на безбедноста на Европа – рече Калас, нагласувајќи дека извештајот испраќа јасна порака оти реформите носат резултати и дека членството станува поблиску за земјите кои остваруваат напредок.
Таа истакна дека за првпат се воведуваат патокази за пристапните преговори со Црна Гора, Албанија, Молдавија и Украина. Дополнително, безбедносната димензија на проширувањето добива посебно место во извештајот, имајќи го предвид придонесот на земјите кандидати во заштитата на европските граници, учеството во мисиите на ЕУ и спротивставувањето на странските манипулации со информации.
– Со децении, проширувањето е најуспешната надворешнополитичка политика на ЕУ. Секој бран на проширување го зајакнуваше нашиот континент, а денешната геополитичка реалност го прави следниот бран на проширување уште поитен – порача Калас.
































