Фото: МИА

Политичките оспорувања на македонскиот национален идентитет и посебноста на македонскиот јазик од страна на бугарски политички и академски кругови, како и нивното вградување во билатералните и европските процеси, претставуваат форма на политички говор на омраза со сериозни последици врз правото на самоопределување, националното достоинство и европската интеграција на земјата.

Ова беше истакнато на научниот собир „Негирањето на политичката легитимност на македонската нација и посебноста на македонскиот јазик како форма на политички говор на омраза“, во организација на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања при УКИМ и Истражувачкиот центар за ареална лингвистика „Божидар Видоески“ при МАНУ.

Академик Марјан Марковиќ, на отворањето на собирот, порача дека самиот наслов звучи парадоксално, бидејќи веќе 150 години се навраќаме на истите прашања, за жал, не по сопствена волја.

– Ние како научници сме принудени одново да се навраќаме на одредени проблеми во оваа сфера и да се обидеме, можеби не можеме да дадеме вистински одговори, но сепак ќе се обидеме во текот на оваа конференција да понудиме одредени решенија за различни проблеми за оваа, да речеме, апсурдна проблематика гледано од аспект на 21 век. Верувам дека ќе можеме со оваа конференција да понудиме решенија и да продолжиме напред и како држава и како наука – изјави Марковиќ.

Професорката д-р Ганка Цветанова, една од раководителките на двегодишното научноистражувачко истражување во рамки на проектот, на почетокот порача дека иако живееме во 21 век, во ерата на човековите права, македонското прашање и натаму е предмет на жестоки политички дебати. Правото на самоопределување на македонскиот народ и неговата самобитност неретко се оспоруваат, додека посебноста на македонскиот јазик и култура, како и политичката легитимност на македонската нација, се негираат.

Според Цветанова, оспорувањата од страна на одредени политички елити од соседни држави, кои се и членки на ЕУ, како и од делови на нивната академска заедница, вообичаено се засноваат на две негирачки тези. Првата е дека македонската нација била создадена на крајот на Втората светска војна како политички проект на комунистичката интернационала и југословенските комунисти, а втората дека македонскиот јазик бил создаден со декрет на АСНОМ во 1945 година.

– Меѓутоа, проблемот не се исцрпува со политичката и идеолошката манипулација со термините. Кога негирањето на националната и јазичната посебност излегува од рамките на научната расправа и станува дел од политичкиот дискурс насочен кон оспорување на легитимноста на една национална заедница, се отвора прашањето за неговата поврзаност со политичкиот говор на омраза. Особено кога таквите наративи придонесуваат за создавање и одржување на предрасуди, нетолеранција и непријателство кон припадниците на таа заедница – нагласи Цветанова.

Токму од оваа перспектива, посочи таа, истражувачкиот проект тргнува од хипотезата дека оспорувањето на политичката легитимност на македонската нација и посебноста на македонскиот јазик во определени политички и општествени контексти може да претставува форма на политички говор на омраза.

– Притоа, важно е да се нагласи дека не станува збор за секое различно толкување на историските процеси, ниту за секое несогласување во политичкиот и научниот дискурс. Предмет на нашето истражување се оние негирачки наративи што ја оспоруваат легитимноста на националното самоопределување и јазичната посебност, а со својата содржина и контекст можат да придонесат за ширење на предрасуди, нетолеранција, дискриминација и непријателство кон определена национална заедница, во случајот македонската – изјави Цветанова.

Според неа, проблемот има повеќе меѓусебно поврзани димензии, пред сè во однос на правото на самоопределување, кое претставува едно од основните начела на меѓународното право. Националната припадност, како важна димензија на колективниот идентитет, е поврзана со потребата на поединците да се идентификуваат со определена заедница, нејзината култура, јазик и историско наследство.

– Оттука, систематското оспорување на легитимноста на македонскиот национален идентитет не е само прашање на различни историски интерпретации, туку може да има пошироки импликации врз признавањето и почитувањето на правото на самоопределување – изјави Цветанова.

Јазикот, нагласи таа, е еден од најзначајните идентификатори на културниот идентитет и средство преку кое се создаваат, пренесуваат и одржуваат културните вредности и колективната меморија на заедницата.

– Затоа, негирањето на посебноста на македонскиот јазик не може да се разгледува исклучиво како лингвистичко прашање. Кога негирањето на посебноста на јазикот се користи за оспорување на легитимноста на една национална заедница, тоа добива и политичка димензија, со можни последици врз остварувањето на нејзините културни и јазични права – изјави Цветанова.

Во овој контекст, според неа, особено значајно е прашањето за историскиот ревизионизам. Критичкото преиспитување на историските сознанија е составен дел од научните истражувања, но кога историските интерпретации се користат како инструмент за политичко оспорување на националниот идентитет и јазичната посебност, станува збор за политичка и идеолошка инструментализација на историјата.

– Токму затоа е важно да се разграничуваат научната расправа и политички мотивираното негирање – изјави Цветанова.

Ваквите наративи, според неа, може да имаат и пошироки општествени последици. Нивното континуирано присуство во јавниот дискурс може да придонесе за создавање и одржување предрасуди, стигматизација на националната заедница, како и за продлабочување на чувството на неправда и политичка несигурност.

– На индивидуално и колективно ниво, тие може да влијаат врз чувството на припадност, достоинството и довербата во политичките институции – нагласи Цветанова.

Овие прашања, посочи таа, добиваат дополнително значење во контекст на процесите на европска интеграција, каде што европскиот идентитет како политички концепт се темели врз вредностите на човековото достоинство, слободата, еднаквоста, демократијата и почитувањето на човековите права.

– Мотото на ЕУ, кое гласи „Обединети во различноста“, ја изразува идејата дека европското единство не подразбира поништување на националните, културните и јазичните разлики, туку нивно признавање и почитување. Оттука произлегува и едно суштинско прашање: како овие принципи се остваруваат во политичката практика, особено кога националниот идентитет и јазичната посебност стануваат предмет на меѓудржавни спорови и политички условувања? Сметам дека токму тука се наоѓа поширокото значење на темата на нашиот научен собир. Таа отвора простор за критичко и интердисциплинарно разгледување на односот помеѓу политичкиот дискурс, националниот идентитет, јазичните права и универзалните принципи на човековите права – изјави Цветанова.

Академик Катица Ќулавкова, во своето воведно обраќање, порача дека говорот на омраза е комплексен и глобален проблем, со системски обележја што може да се истражуваат и теориски, а не само емпириски, на глобално и локално ниво.

– Традиционалните анализи на говорот на омраза ја запоставуваат неговата политичка манифестација. Сите мои истражувања покажаа дека се спомнуваат политички аспекти во говорот на омраза, но во класификацијата и клучните теориски дефиниции не е издвоен како посебен говор на омраза. Мислам дека ние направивме и едно мало поместување во дефинирањето на една проблематика што е битна и за нас и за светот – изјави Ќулавкова.

Во своето излагање посветено на актуелните општествено-политички и идентитетски прашања, таа истакна дека политичкиот говор на омраза претставува специфичен, хибриден и институционализиран дискурс, кој ја надминува традиционалната општа смисла и се манифестира како сериозен проблем за македонскиот народ и држава.

– Политичкиот говор на омраза кон македонскиот народ, а последователно и опструкцијата на македонската нација, денес е специфичен. Некогаш сме биле само народ, а сега сме нација со формирањето на државата. Во последните 35 години од осамостојувањето, таа отстапува од парадигмата на нација со етнонационални обележја кон парадигмата на мултиетничка нација, која лавира меѓу унитарно и федеративно и кантонизирано уредување. Како последица на таквата неизвесност, односно неизвесен развој, денес се доведува во прашање опстанокот на македонската нација, односно во тек е ревизија на поимот македонска нација. Кревкиот статус на нашата нација се рефлектира врз статусот на македонската државност. Ги охрабрува обидите за ревизија на македонската политичка, културна и црковна историја, со што се поттикнува негацијата на сите сегменти на македонскиот идентитет, особено на јазикот, а тоа, пак, двосмислено влегува во доменот на политичкиот говор – изјави Ќулавкова.

Политичкиот говор на омраза насочен кон македонскиот народ, според Ќулавкова, е хибриден – имплицитен и експлицитен – и ги вклучува сите четири карактеристики на дефиницијата: болката и штетата што ги трпи македонскиот народ поради вредносните оспорувања, дискриминацијата, конверзијата и ревизијата под принуда преку блокади, дополнителни услови во отворените преговори, одлагања и недостоинствени именувања на Македонците и на Република Македонија.

– Содржината е политичка и вклучува оспорување на македонскиот идентитет, непризнавање на македонското малцинство, деградација на македонскиот јазик на дијалект, негативни стереотипи за Македонците. Трето, навредливите јазично-реторички изрази, малициозната и вулгарна експресија на социјалните и други мрежи, па и во настапи на официјални политички фигури и интелектуалци, кога нè именуваат како државата ФИРОМ порано, нели, Пиром, вештачка нација – нагласи Ќулавкова.

Во македонскиот случај, според Ќулавкова, политичкиот говор на омраза има корени во втората половина на 19 век, а добива институционални димензии при приемот на македонската држава во Обединетите нации.

– Потоа, во јуни 2018 година, со помош на супранационални механизми, Република Македонија под притисок го потпиша Преспанскиот договор за промена на името и редефинирање на историскиот континуитет. Понатаму, тој се претвори во преседан за т.н. евроатлантски интеграции, кои до денес користат механизми на ултиматум и уцени, и кога нè примија во НАТО, и еве сега кога треба евентуално да започнат некои процеси на интеграција со Европската Унија. Перформативната моќ на дипломатскиот говор на омраза продолжува и дојде до израз во анализите на вториот протокол и придружните документи од Заедничката меѓувладина комисија, потпишани во 2022 година меѓу Бугарија и Македонија, каде што, нели, не го нарекуваат јазикот западен дијалект на бугарскиот јазик – изјави Ќулавкова.

Регулирањето на политичкиот говор на омраза, нагласи Ќулавкова, не е само правна или етичка и морална обврска, туку и превентивна стратегија против колективната траума, депомацијата и општествената фрагментација.

– Европските структури треба да престанат да го третираат политичкиот говор на омраза како дипломатска нијанса, како политичко прашање, а без ефективни заштитни механизми Македонија иронично ќе биде принудена да ги нормализира негативните пристапи, практики, идентитетски оспорувања и национална дестабилизација, што е во спротивност со самите теми на европското единство. Затоа не треба повеќе да се прифаќаат таквите облици на дипломатски фиксации Македонија да отстапи од постојниот национален и етнички наратив – изјави Ќулавкова.

Собирот произлегува од научноистражувачкиот проект „Негирањето на посебноста на македонскиот јазик и политичката легитимност на македонската нација како форма на политички говор на омраза“. Неговата цел е да поттикне научна и интердисциплинарна дискусија за негирањето на македонскиот јазик и националниот идентитет, нивните политички, правни, општествени и културни импликации, како и за прашањата поврзани со човековите права, дискриминацијата и современите регионални и европски процеси.

Како што наведуваат од Програмскиот и Организацискиот одбор на научниот собир, преку научните излагања и дискусиите собирот ќе придонесе за пошироко разбирање на овие прашања и нивното значење во современиот општествен контекст.