Фото: Архива

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, врз основа на прибраните докази во текот на истражната постапка ја прошири постапката уште против десет лица, осомничени за сексуална злоупотреба и изготвување на порнографски материјал​.

Имено, во јануари годинава, предметниот обвинител донесе Наредба против пет лица кои сексуално злоупотребувале малолетничка и изготвувале порнографски материјал.

Со дејствијата опишани во Наредбата за спроведување истражна постапка, шестмина се осомничени дека сториле кривично дело Трговија со дете од чл.418-г ст.3 од КЗ, две лица се товарат за сторено кривично дело Полова злоупотреба на немоќно лице од чл.187 ст.2 в.в. со ст.1 и две лица за кривично дело Производство и дистрибуција на детска порнографија од чл.193 ст.3 од КЗ.

– Имено, во јануари годинава, предметниот обвинител донесе Наредба против пет лица кои сексуално злоупотребувале малолетничка и изготвувале порнографски материјал. По преземените дејствија во текот на истражната постапка, јавниот обвинител прибави цврсти докази врз основа на кои во соработка со Националната единица за сузбивање криумчарење мигранти и трговија со луѓе при МВР денес спроведе акција. Извршени се претреси на повеќе локации во Велес и на по една локација во Скопје и Тетово, притоа лишени се од слобода девет лица, додека еден осомничен се наоѓа надвор од државата – се вели во соопштението од ЈОРСМ.

Ценејќи дека постојат околности што го оправдуваат стравот oд опасност од бегство, дека ќе ги сокријат, фалсификуваат или уништат трагите на кривичното дело и дека со влијание врз сведоци и соучесници ќе ја попречат истрагата, како и стравот ако се бранат од слобода дека ќе го повторат делото, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување на мерка притвор за осуммина осомничени и мерки на претпазливост за две лица осомничени за производство и дистрибуција на детска порнографија.

За кривичните дела Трговија со дете и Полова злоупотреба на немоќно лице предвидени се затворски казни од најмалку 8 години, додека за кривично дело Производство и дистрибуција на детска порнографија затворска казна од 3 до 5 години.​