Фото: Маја Јаневска-Илиева

Нови дојави за поставени бомби денеска има во четири училишта во Скопје. Дојави за поставени експлозивни направи се добиени за уште две училишта во Скопје, покрај двете училишта за кои МИА претходно информираше. Пријавата за новите бомби е добиена околу 10 часот.

Учениците од гимназијата „Јосип Броз Тито“ во центарот на Скопје утрово пак се евакуираат. Наставниците им кажале да излезат во дворот каде што веќе има и полиција, а само што почнале часовите евакуирани се и учениците од СУГС “Владо Тасевски“ во Аеродром, според информациите на Макфакс.

Од Министерството за внатрешни работи за МИА информираа дека се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштата и во тек се антитерористички проверки.

– Денеска во СВР Скопје околу 9.30 часот е пријавено дека на електронските адреси на две училишта во Скопје е упатена закана за поставена експлозивна направа. Веднаш по добиената пријава, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштата. Во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот – велат од МВР.

Евакуацијата на учениците им стана пракса изминативе две недели по дојавите за бомби. Полицијата утврди дека сите досегашни дојави за подметнати бомби се лажни.

Се преземаат мерки за расчистување на случајот, велат од МВР.