Дел од Спомен-куќата на Лазар Личеноски, еден од втемелувачите на ликовниот живот во Македонија, ќе биде отворен денеска како дел од активностите од роденденската програма на „Јуроп хаус“ во Скопје.
– Во ноември го одбележуваме отворањето на „Јуроп хаус“ – Скопје, местото што промовира креативност и иновативност, како и демократски вредности меѓу младите. Поводот е одбележан преку низа настани организирани во текот на ноември и оддавање почит на културното наследство на македонскиот сликар Лазар Личеноски (1901-1964). Активностите, организирани заедно со Националната галерија, имаат цел да ангажираат разновидна публика. Некои од нив ќе се одржат во Куќата-музеј на Лазар Личеноски. Програмата на настани вклучува отворен повик за млади дигитални уметници (на возраст од 18 до 35 години) поканети да ја понудат својата визија за следење на познатиот мозаик на отворено „Апотеоза на трудот“ на Лазар Личеноски, кој ја прикажува еволуцијата на човештвото. Мозаикот го велича трудот, кој е главниот фокус на претстојната Европска година на вештини во 2023 година – велат од европската куќа.
По отворениот повик, ќе следува изложба на ликовни творби на студенти од Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Отворањето на изложбата е денеска, од 12 до 14 часот, во Куќата-музеј на Личеноски. Изложбата ќе остане отворена за јавноста во истото време секој вторник и четврток, од 15 до 30 ноември.
– Видеото со современ танц, во изведба на Андријана Данчевска и Дејан Битровски, снимено во Куќата-музеј на Личеноски, ќе биде промовирано онлајн од „Јуроп хаус“ – Скопје. Кореографијата на танцот се темели на џез-композицијата „Фрагменти“ од групата „Зулу 3.4“, која неодамна доби награда за најдобри млади џез-музичари на годишниот „Скопски џез-фестивал“. На 17 ноември, во „Јуроп хаус“ во Скопје ќе се одржи ликовна работилница за деца во организација на Националната галерија. На 23 ноември роденденската програма ќе заврши со започнување на низата „Разговори за културата“, со учество на претставници од владините институции, млади експерти од област на темата и Дејвид Гир, амбасадор на Европската Унија во Северна Македонија. Настанот насловен „Мисли напред – затоа што културата е важна“ има цел да ги издигне свеста и вниманието за актуелните предизвици и можностите во културниот домен – велат оттаму.
Од европската куќа истакнуваат и дека на настанот ќе ѝ се оддаде почит на Вјоса Бериша (1972-2022), поранешна директорка на „Јуроп хаус“.
– Во наредните недели ќе организираме неколку настани со учество на младите за да ги одбележиме животот и делото на Лазар Личеноски, еден од најистакнатите сликари во историјата на државата. Повеќето од овие настани ќе се одржат во Куќата-музеј на Лазар Личеноски, со оддавање почит на неговото непроценливо уметничко дело и издигање на свеста за важноста од негувањето на културното наследство – рече амбасадорот на Европската Унија во Република Северна Македонија, Дејвид Гир, на настанот организиран на 4 ноември.