Фото: МИА

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Свети Николе поднесе кривична пријава против поранешниот градоначалник на Свети Николе, С.В.(53), осомничен за кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.

Како што соопшти МВР, тој во 2021 година за реализација на проектот за изградба на фекална канализација во населеното место Рудина, спротивно на законските одредби и со пречекорување на своите овластувања, спровел јавна набавка и склучил договор со приватна фирма во вредност од 1.649.400 денари, а во текот на градбата бил склучен и анекс договор во вредност од 329.806 денари за непредвидени и дополнителни работи.

-Во исто време, во 2021 година, повторно спровел јавна набавка за тампонирање и чистење на улиците во Свети Николе со градежна механизација во вредност од 2.500.000 денари со друго правно лице, кое по негово одобрение, спротивно на одредбите од договорот, го ископало ровот за фекалната канализација. По преземените мерки било утврдено дека за проектирана вредност на фекалната канализација од 1.996.082 денари, биле платени вкупно 4.761.957 денари – наведува Министерството за внатрешни работи.