Фото: Маја Јаневска-Илиева

Специјализираното одделение за организиран криминал и корупција при Основниот кривичен суд Скопје донесе решение со кое се огласува за ненадлежно по предметот против обвинетиот Рамиз Мерко од Струга за кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ и предметот ќе го достави за постапување во Основниот суд Струга.

-Заради интерес на медиумите и невладините организации кои ја следат работата на судот, ја информираме јавноста дека Специјализираното одделение за организиран криминал и корупција ( КОК ) при Основниот кривичен суд Скопје постапувајќи по обвинителниот предлог со КО бр. 27/24 против обвинетиот Р.М. од Струга за кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување од чл. 353 ст.4 вв со ст.1, донесе решение со кое се огласува за стварно ненадлежно и предметот, по правосилноста на решението, ќе биде доставен на надлежно постапување во Основниот суд Струга – се наведува во денешното соопштение од Кривичниот суд.

Во соопштението се појаснува дека согласно чл. 32 од Законот за судови, Специјализираното одделение ( КОК ) е надлежно за Кривичните дела: Злоупотреба на службена положба од чл. 353 ст.5, Примање поткуп од значителна вредност од чл. 357 и Противзаконито посредување од чл. 359 од КЗ, извршени од избран или именуван функционер, службено лице или одговорно лице во правно лице.

-Имајќи го предвид наведениот член од Законот за судови, последните измени на Кривичниот законик објавен во СЛ. Весник бр. 188 од 07.09.2023 год., како и правната квалификација од обвинителниот предлог, односно ст. 4,  судот утврди дека Спелцијализираното одделение за оргнизиран криминал и корупција не е надлежно за судење на кривични дела од чл. 353 ст.4 вв со ст. 1 како што Јавниот обвинител го поднел обвинителниот предлог, туку цитираните одредби од Законот за судови се однесуваат само на делото пропишано во став 5 од овој член – стои во соопштението.

Со оглед на сето тоа, како што посочуваат од Основен кривичен суд Скопје, стварната надлежност да постапува е судот со основна надлежност на чие подрачје е извршено кривичното дело.

Против ова решение странките имаат право на жалба пред Апелациониот суд Скопје.