Фото: Кирил Симеоновски

Од културно-историски поглед, Арбасанци е интересно поради двете археолошки наоѓалишта – Ќерамидница (населба и некропола од доцноантичкиот период) и Црквиште (средновековна црква и некропола). Ќерамидница се наоѓа на еден километар западно од Арбасанци, во нивите на задругата, каде што се најдени фрагменти керамички садови и градежен материјал, како и фрагмент од мермерен столб. Второто наоѓалиште, кое е познато како Црквиште, е лоцирано непосредно до селото од североисточната страна, каде што се гледаат остатоци од ѕидови на еднокорабна црква, зачувани во височина до 2 метри, на кои се забележуваат траги од живопис, а околу црквата има гробови од плочи од камен

Знаменитостите на Македонија

Селото Арбасанци се наоѓа во овчеполската област, во близината на градот Свети Николе. Станува збор за ридско село, на надморска височина од 490 метри, а источно од селото се издига земјиштето составено од еруптивни карпи, кое е покриено од трева и шума. Во негова близина се Стануловци на југ и селото Буриловци на југозапад, а во минатото во Арбасанци имало три извори што биле соѕидани во чешми, познати како Стара чешма, Чумче и Вишна, како и послабите извори Млака и Димискин. Арбасанци претставува старо село, а месното население не го знаат потеклото на неговото име. Тоа се одликува со пасиштата на површина од 442,1 хектари, обработливо земјиште од околу 185 хектари и шуми на околу 9,2 хектари.
Арбасанци е од збиен тип и е издолжено во правец северозапад-југоисток, а се состои од Горно и Долно Маало. Месностите во атарот на селото ги носат имињата: Петрева Струга, Оштра Чука, Голо Брдо, Три Камена, Црвена Земја, Змијарник, Ардовати Камен, Корија, Вражи Вир, Вишни Дол, Ливадско Кладенче, Солиште, Големо Брдо, Шајкова Орница, Калуѓер, Горна и Долна Пударница, Крс, Ковиљак, Три Долци, Ќерамидница, Војнички Рид, Коцева Млака, Мелиш, Поровиште, Чука, Брег, Дупки, Орлов Камен и Главица. Денес селото речиси не е поврзано со вистински пат и до него се пристапува преку земјен пат низ ниви.
Од историските извори се знае дека севастократорот Дејан го приложил селото на манастирот „Св. Богородица“ во Архиљевици, додека средновековниот владетел Душан во 1355 година го потврдил истото тоа. Меѓутоа за ова нема согласност, бидејќи некои истражувачи веруваат дека станува збор за селото Арбанашко во околината на Куманово. Во 19 век, Арбасанци било во рамките на Штипската каза и Скопскиот вилает. Во османлискиот период, во Арбасанци постоел чифлиг на Аџи-Мемет од Штип, додека преостанатата земја била на селаните. Околу 1910 година, Аџи-Мемет го продал чифлигот, а месното население купило ниви и во атарот на соседното село Буриловци.

Според истражувањето на Јован Трифуноски во 1957/1958 година, родови во селото се: староседелците Туклерци (2 к.), Зоневци (6 к.), Веселиновци (1 к.), Тренчевци (4 к.), Трипчевци (3 к.), Брдарци (2 к.), Анчевци (4 к.) и Темелковци (1 к.), сите наведени родови се староседелски, првите три рода потекнуваат од ист предок; доселениците Шоповци (2 к.), кои не знаат точно од каде се доселени, но според името може да се претпостави дека се од Кривопаланечко или Кратовско.
Од културно-историски поглед, Арбасанци е интересно поради двете археолошки наоѓалишта – Ќерамидница (населба и некропола од доцноантичкиот период) и Црквиште (средновековна црква и некропола). Ќерамидница се наоѓа на еден километар западно од Арбасанци во нивите на задругата, каде што се најдени фрагменти керамички садови и градежен материјал, како и фрагмент од мермерен столб. Второ наоѓалиште, кое е познато како Црквиште, е лоцирано непосредно до селото од североисточната страна, каде што се гледаат остатоци од ѕидови на еднокорабна црква, зачувани во височина до два метри, на кои се забележуваат траги од живопис, а околу црквата има гробови од плочи од камен.

Од фолклорен аспект, Арбасанци исто така е интересно. Жените во селото се породувале сами зашто имале вкоренет страв од појавата на т.н. квазибабица, со многу мали акушерски познавања, а резултатот од нејзиното експериментирање и лажно претставување бил трагичен. Според кажувањата на селаните: „Имало некоја у Сарчиево, Бошњаќинка (Босанка) била, бркала у неа, бркала, божем три биле. Двете се родиле, викала: Има и трето. Бркала унатре, скинала ѝ цревата… жената умре, па после едното дете умре, сал едното остане. Народо од тоа се плашеше, нејќеше да вика бабици. Мајка ми била уште девојка, на таа жена тоа коа ѝ се десило и затоа она нејќеше да вика бабица, како ми е, вика, Господ пишал – така ќе биде. Ако пишал да останам жива – ќе останам, ако пишал да умрам – ќе умрам… да не бидам како таа, да го остаам сирак по мене, кој ќе го чува утре, туѓо дете никој не чува“. Д.Ст.