Фото: Архива/Маја Јаневска-Илиева

Две противпожарни возила со шест пожарникари сѐ уште го гасат пожарот што утринава изби во напуштена куќа зад хотелот „Вип“, во близина на трговскиот центар „Ист гејт“, информира командирот на Противпожарна бригада на град Скопје Звонко Томески.

Пријавата била добиена околу 8 часот, а пожарот, како што изјави Томески за МИА, се проширил на покривната конструкција. Засега нема информации за повредени лица.

– Ова е напуштена куќа во која ние неколку пати досега сме гаселе пожари. Најверојатно во неа престојуваат бездомни лица кои користат хартија за затоплување поради што дошло до опожарувањето – рече Томески.