Фото: Маја Јаневска-Илиева

Родители пријавиле во полиција дека нивни деца биле физички нападнати во автобусот број „57“ на ЈСП во скопската населба Чаир, по што градоначалникот на општина Бутел, Дарко Костовски, побара итна и остра реакција на МВР. За инцидентот извести и МВР, соопштувајќи дека Единицата за интервентна полиција ги привела Л.Б. (18), Б.М. (19), В.Х. (19) и уште двајца малолетници, сите од Скопје.

– На 13.11.2022 во 1.10 часот на подрачје на Бит Пазар од полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје лишени од слобода се Л.Б.(18), Б.М.(19), В.Х.(19) и уште двајца малолетници, сите од Скопје, затоа што Т.Т.(46), И.М. (47), Л.Ѓ. (50) и Т.Ѓ. (43) сите од Скопје пријавиле дека околу 00.40 часот нивните четири малолетни синови во автобус бр.57, во населба Чаир, Скопје на автобуска постојка физички биле нападнати од пријавените. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок – се вели во соопштението на МВР.

Костовски преку Фејсбук реагираше по повод случајот.

– Оставив неколку дена, се со цел да не предизвикам дополнителна паника. Но после вчерашниот случај кој е дел од низа случаи насилство во автобусот 57-ца, каде веќе извесен период, особено во последниов месец, на територија на општина Чаир се напаѓаат деца од Радишани и Бутел, враќајќи се дома од центарот на градот.
Чашата е прелиена. Како градоначалник на општина Бутел, лично барам од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски брзо, остро и без никакво заташкување да го реши овој проблем, додека не е предоцна – порача Костовски.

Тој најави организирање на тркалезна маса посветена на проблемот.

– За неколку дена од сега како градоначалник на Бутел ќе организирам тркалезна маса на која ќе бидат повикани челниците на МВР, лидерите на верските заедници и претавници на загрижените родители, се со цел од блиску да ја следиме ситуацијата и да превенираме додека не е доцна. Доколку е потребно ќе формираме посебно тело за решение на оваа загржувачка ситуација – истакна Костовски.