Фото: КФМ

Кошаркарската репрезентација на Македонија ја победи Данска со 74-71 по продолжение, во мечот од четвртото коло од претквалификациите за Европското првенство, одигран во Гевгелија. Резултатот беше 64-64 по четири четвртини, за Македонија да ги добие дополнителните пет минути со 10-7.

„Црвено-жолтите“ ги предводеше натурализираниот Американец Ти Џеј Шортс кој постигна 33 поени. Покрај Шортс, двоцифрен број поени во победничкиот состав постигнаа и Стојан Ѓуровски со 11 и Војдан Стојановски со 10. Кај гостите се истакна Дарбо со 21 поен, но промаши шут за три поени во последните секунди од продолжението.

Словачка беше подобра од Норвешка на гости со 68-56 во вториот денешен меч од истата група.

Македонија има максимален учинок од четири победи во досегашниот тек од претквалификациите, додека Норвешка и Словачка имаат по две победи и исто толку порази, а Данска е без триумф по четири одиграни средби.

Избраниците на селекторот Александар Јончевски во следниот дуел гостуваат во Словачка на 23 февруари в година.

Првопласираната селекција во секоја од трите претквалификациски групи ќе игра директно во квалификациите, другите репрезентации ќе настапат во нов круг претквалификации, во кој ќе играат 12 селекции, a четири најдобри ќе се пласираат во квалификациите. Во случај на ист број бодови решава меѓусебниот резултат.