Фото: Маја Јаневска-Илиева

Според експертите, сите дојави за бомби што изминатиот период го тресеа Балканскиот Полуостров беа испратени од странство, а можноста да бидат фатени е минимална?!

НЕОПХОДНА СИЛНА МЕЃУНАРОДНА СОРАБОТКА ЗА ФАЌАЊЕ НА ИСПРАЌАЧИТЕ НА ПОРАКИТЕ ЗА ПОСТАВЕНИ БОМБИ

По Србија, Хрватска и уште неколку земји од Балканот, и Македонија стигна на дневен ред за „дојави за поставени бомби“. Изминатите неколку дена беше мобилизиран целиот безбедносен систем, особено специјализираните антитерористички единици, поради неколку дојави за бомби во средни училишта во Скопје, кои на крајот се испостави дека биле лажни. И родителите на средношколците беа под стрес, а некои и изреагираа во страв и паника, а јавноста беше непријатно изненадена од веста за поставени бомби во училиштата во Скопје.
И покрај тоа што веќе на сите им е јасно дека станува збор за лажни дојави сторени со намера и умисла, сепак сериозноста на самиот проблем не ги остава на мира ниту државните безбедносни капацитети, ниту пак родителите, кои дури и се двоумат дали да ги пуштат своите деца на училиште.

Целта е праќање одредена порака во многу важни моменти за државата

Средните училишта „Орце Николов“, „Никола Карев“, „Јосип Броз-Тито“, „Раде Јовчевски-Корчагин“, АСУЦ „Боро Петрушевски“ беа само дел од училиштата што беа цел на лажни дојави за бомби изминатата недела.
Македонија беше на нозе. Родителите видливо потресени и во паника ги повикуваа своите деца дома, а училишните служби за да не ги плашат децата, во моментите кога ги примиле дојавите, ги празнеле училиштата со објаснување дека ќе се врши дератизација.
Според експертот во областа на безбедноста Владимир Пивоваров, целта е вознемирување, праќање одредена порака и се случува во многу важни моменти за државата за да се наруши нејзиниот углед. Како што истакна тој, ваквите напади се случуваат кога има некои настани, кога има некои посети, некои носења политички одлуки.
– Значи, во такви моменти почнуваат тие, така почна и кај нас. Значи не вчера, завчера, првите пет дојави беа точно во моментот што се совпаѓаше со времето на доаѓањето на европската комесарка и претседателка на ЕК, Фон дер Лејен, и потпишувањето на Фронтекс – истакна Пивоваров, кој е национален координатор за гранично управување.
Во однос на штетите, тој смета дека чинат многу пари, поради ангажирање на полицијата, службите и технички и кадровски, и секако поради тоа што децата не одеа на училиште, се губат часови, се внесува можна нервоза кај населението.

Казненоправната реакција на државите мора да биде жестока

Според проф. д-р Атанас Козарев, претседател на Асоцијацијата за корпоративна безбедност, проблематиката со лажни дојави за поставени бомби и експлозиви во изминатиот период доаѓа до израз во актуелниот период поради неколку причини. На меѓународен план извор за ваква појава се настаните во Украина и други воени жаришта низ светот, додека на внатрешен план како извор за настани од оваа област може да се наведат: политичката состојба, последиците од пандемијата на ковид-19, одредени психопатолошки состојби кај поединци, односот кон системот на власт, реакција на одредени владини одлуки и проекти итн. Нашата држава не е имуна од ваквите негативни појави.
– Проблемот кај овие однесувања е што истите тие се инкриминираат како прекршоци за кои се плаќа парична казна, а не се третираат како кривично дело – вели тој.
Според него, токму оваа казненоправна реакција на државата кон лицата што применуваат модели на лажни дојави за бомби ги охрабрува и затоа сме сведоци на вакви немили настани.
– Факт е дека нема последица, освен паника и медиумско покривање на овие настани. Всушност, со дојавите за лажни бомби се повлекува само прекршочна одговорност, како посебен вид казнена одговорност. Од друга страна, на експертите им е јасно дека ваквите настани може да предизвикаат многу повеќе трошоци поради ангажман на антитерористички единици, проверки итн. Превенцијата во оваа област е можна само со издигнување на безбедносната култура и свеста кај граѓаните за почитување на законите, односно владеење на правото како цивилизациска придобивка – нагласува професорот.

ПОРАКИТЕ СЕ ИСПРАЌААТ ОД СТРАНСТВО

Најчесто лажните дојави за бомби се испраќаат од странство, бидејќи безбедносните сили на една земја немаат практично никаква можност да ги фатат испраќачите.
Според експертите, сите дојави за бомби што изминатиот период го тресеа Балканскиот Полуостров беа испратени од странство, бидејќи можноста да бидат фатени се минимални.
– Но гледам дека во сите случаи и во регионот е детектирано дека сите закани доаѓаат од некои странски земји. Значи, никој не се осмелува да упати закана во својата држава, бидејќи многу лесно ќе биде откриен. Тоа е нормален начин како тие сакаат да ги скријат трагите, односно да си ја постигнат својата цел – појаснува експертот од областа на безбедноста Пивоваров.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски нагласи дека работат со сите странски партнери, за да се спречат ваквите монструозни дојави за бомби во училиштата.
– Пораките се пуштени од надвор од државата. Имаме сериозни индиции за тоа како се одвива целиот процес и во тој дел навистина работиме максимално посветено, со помош на нашите партнери, за да ги прекинеме овие монструозни чинови, кои предизвикуваат вознемиреност кај граѓаните – објасни министерот Спасовски.
Тој потенцира дека сите капацитети на безбедносните служби, од почетокот на мандатот на ова раководство на МВР, се посветени кон сериозна заштита на сите граѓани на државата во сите сегменти, меѓу кои и во сајбер-безбедноста, која во денешни услови исклучително доаѓа до израз.
– Знаете дека имаше обиди за напади врз институциите, хакерски напади врз неколку институции во државата. Дури и при спроведувањето на пописот имаше сериозен хакерски напад на целиот систем, кој практично работеше во делот за спроведување на пописот, на неколку од министерствата итн. Тоа покажува само колку е потребно во делот на сајбер-безбедноста да се преземат сите мерки и таа сајбер-безбедност да ја зголемуваме преку материјално-техничко јакнење на капацитетите, меѓутоа и на човечките ресурси – истакна Спасовски.

[email protected]