Фото: Емил Јовановиќ

Според експертите, како пример треба да ни послужи македонската интелигенција од 19 и почетокот на 20 век, како што се Крсте Петков Мисирков и Димитрија Чуповски, кои создале научноистражувачка теорија фундирана на искуство и факти, односно логичко обопштување на нивни емпи­риски истражувања што ги одразуваат појавите во општеството за дезавуирање на македонизмот и македонскиот супстрат, со што сакале да укажат на потребата од политичко и национално единство на Македонците. Според низа водечки македонски интелектуалци, македонското општество одново доживува период на груби пропаганди и зафати, кои се преземаат не само од страна на великодржавните интереси на нашите соседи туку денес, во врска со тоа, веќе е поместена рамнотежата, затоа што зад таквите тенденции застануваат и високи меѓународни инстанци

Македонскиот врвен мисловен и творечки потенцијал со предупредување

Научната фела предупредува дека македонското општество се соочува со систематско ширење невистини, сѐ со цел да се разнебитат националните особености – јазик, култура, историја, традиција… Оваа систематски организирана активност е насочена кон создавање вештачка национална свест кај Македонците, активност што не е типична за 21 век и наликува на асимилаторските пропаганди што беа карактеристични за колонијалните империи или младите национални држави од 18 или 19 век.

Целокупност од научноистражувачки поставки за потребата од политичко и национално единство на Македонците

Историчарите и експертите посочуваат дека македонскиот народ и во минатото се соочувал со вакви пропагандни дејности, но денес ситуацијата е апсурдна бидејќи Македонците имаат сопствена држава и институции што можат да ги превенираат овие појави, кои се на штета на македонските национални и државни интереси. Според експертите, како пример треба ни послужи македонската интелигенција од 19 и почетокот на 20 век, како што се Крсте Петков Мисирков и Димитрија Чуповски, кои создале научноистражувачка теорија, фундирана на искуство и факти, односно логичко обопштување на емпириски истражувања што ги одразуваат појавите во општеството за дезавуирање на македонизмот и македонскиот супстрат, со што сакале да укажат на потребата од политичко и национално единство на Македонците. Во овој контекст, тие ги повикуваат македонското општество и државните институции да преземат навремени и организирани активности што ќе ги оневозможат овие штетни пропаганди по македонската национална самобитност.
Во таквиот контекст, академик Катица Ќулавкова храбро нагласува дека треба да се потсетиме на нешто што сите добро го знаеме, во едно актуелно опкружување, за да разбереме „колку е голема мизеријата на нашето однесување како нација, како држава, како институции и наука“.
– Колку сме доведени во ситуација на едно далеку пониско ниво на одбрана и победно толкување на нашите соседи кои сакаат да ни наметнат национални интереси кои јас во еден текст ги нареков како интереси кои се синоним за културен хегемонизам, кој е поврзан, а всушност е другото лице на политичкиот хегемонизам – посочува Ќулавкова.
Според Ќулавкова, македонското општество доживува период на груби пропаганди, пропаганди што се пласираат не само од страна на великодржавните интереси на нашите соседи туку денес е поместена рамнотежата затоа што зад нив застанаа високи меѓународни инстанци, како што се Обединетите нации во случајот со Грција или случајот со Бугарија, која ја има т.н. француска поддршка. Според неа, ние ги допуштаме пропагандите во услови кога македонската нација доживеа одредена зрелост, кога стекнавме висока самостојност во рамките на југословенската федерација.
– Парадоксално е во време на нашата независност, сувереност и самостојност да бидеме плен и предмет на политички, национални и културни пропаганди кои навистина нѐ ставаат во една подредена позиција, во една колонијална позиција. А ние не само што не научивме туку и не учиме од историјата бидејќи има доволно факти за да се спротивставиме. Не создадовме политички амбиент, ниту научен, за да возвратиме организирано и со факти, книги, ставови и наше однесување – вели Катица Ќулавкова.

Неоколонијализмот ние превентивно не го спречивме, ниту го предвидовме соодветно

Според академикот Ќулавкова, пропагандите главно имаат законит карактер, може лесно да се детектираат или препознаат и затоа можевме превентивно да ги спречиме. Но ние дозволуваме и понатаму да се засилуваат. Значи да почнат од одредени бенигни најави и дискурси, усвојување на првите декларации или индивидуални ставови на историчари и институции, како што е Бугарската академија на науките (БАН), нагласува Ќулавкова.
– Неоколонијализмот ние превентивно не го спречивме, ниту го предвидовме соодветно. Сите предвидувања на одредени индивидуи, научници, субјекти итн. беа оценувани секогаш како штетни за нашиот напредок и прогрес. Сега ние имаме една вулгарна пропаганда од страна на Бугарија кога гледаме дека веќе го нудат сето она што во 19 век се нудеше, од образование, стипендии, европски пасоши, покривање егзистенцијални потреби, унапредување или добивање одредени привилегии. Дури ширење на сето тоа, слободно, низ Македонија. Знаме дека во 19 век бугарската пропаганда дејствуваше преку училиштата и црквата. Сега го имаме сето она што беше егзархистичка политика да биде на некој начин промовирано и поддржано од наша страна. Македонската интелигенција од крајот на 19 век била свесна за последиците од дејствување на пропагандите – рече Ќулавкова.
Според Ќулавкова, како пример треба да ни послужи активноста на македонската интелигенција од крајот на 19 и почетокот на 20 век, како што се Крсте Петков Мисирков и Димитрија Чуповски. Тие направиле цела своја теорија за да укажат на потребата, како што тие велат, од политичко, национално, духовно, црковно и образовно единство на македонскиот народ, вклучувајќи го и она што се однесува за историјата. Таа акцентира дека ние како општество и држава, денес со мошне сомнителни изговори, дури историјата да ја истиснеме од образовниот процес или преку комисијата преку она сето она што се форсира да се свртиме и да се дефокусираме од сето она што претставува некаква традиција на оваа територија, на овој народ и на сето она што оваа држава делумно ако не целосно го покрива. Да се откажеме од тоа, другите држави да го преземат како свое, вели академикот Ќулавкова.
Катица Ќулавкова исто така нагласува дека се наоѓаме во услови кога новите технологии, медиуми, социјалните мрежи, глобализацијата се алатка на тие пропаганди. Ние денес сме без меѓународна поддршка и поминуваат проекти што се на штета на нашите национални интереси, вели Ќулавкова.
– Потребно е што пошироко отворање кон медиумите, не само во научни зборници туку и преку јавната дебата. Бидејќи медиумите можат да влијаат врз пошироките маси, но и да влијаат врз дипломатските структури дека тука постои свест за последиците кои многу наскоро ќе можеме да ги почувствуваме за гаранцијата која ја бараме од Европската Унија, која се најавува како решение со Бугарија. Доколку дојде до отворање на Уставот, тоа е победа на пропагандите и полувистините – рече Ќулавкова. Д. Ст.


Бугарски провокации и дезинформации

Фондацијата „Бугарска меморија“ на бугарскиот бизнисмен Милан Врабевски, кој е познат како финансиер на здруженијата „Ванчо Михајлов“ во Битола и „Цар Борис Трети“ во Охрид, на својата официјална страница ги претстави македонските ученици од битолското средно техничко училиште како истомисленици на здружението „Ванчо Михајлов“. Исто така, фондацијата објави и фотографии на кои можеше да се забележи присуството на директорката на техничкото училиште во Битола, Жанета Сервини, и на заменикот Љупчо Здравковски.
По објавата на бугарската фондација, со демант излезе директорката на битолското училиштето, Жанета Сервини, која ги отфрли таквите пишувања.
– Категорично ги отфрламе дезинформациите за присуство на ученици од техничкото училиште од Битола во Бугарија. Во Софија бевме отидени јас и заменик-директорот Здравковски Љупчо за да воспоставиме соработка Еразмус+ со училишта во Софија, како што впрочем е и практиката на сите други училишта. Со дадената непроверена информација е направена шпекулација со која се нарушени нашиот углед и угледот на училиштето – се вели во реакцијата на Сервини.
По реакциите, фондацијата „Бугарска меморија“ ги избриша фотографиите од директорката на техничкото училиште во Битола, Жанета Сервини, и од заменикот Љупчо Здравковски, кои беа дел од текстот објавен на интернет на нивната страница, каде што тие беа спомнати.