Медлин Мекен/Фото: принт-скрин

Се сеќавате ли на случајот со исчезнатото тригодишно девојче Медлин Мекен што пред повеќе години исчезна без трага од португалскиот
туристички комплекс „Алгарве“? Медиумите во целиот свет беа кренати на тревога, а во потрагата се вклучија голем број институции.
Но безуспешно. За потсетување, на трети мај 2007 година, за време на семеен одмор што тригодишната Медлин Мекен го поминувала во
познатиот португалски комплекс „Алгарве“ заедно со своето семејство, малото девојче исчезна и до денес никој не може да го пронајде.
Во меѓувреме, девојка од Германија тврди дека токму таа е исчезнатата Медлин. Што вели науката, дали и по толку години со ДНК-анализа
може да се открие дали таа е навистина исчезнатата тригодишна Медлин?

Лавина реакции на социјалните мрежи предизвика дваесет и едногодишната девојка од Германија што бара ДНК-анализа тврдејќи дека токму таа е Медлин Мекен, која во 2007 година беше киднапирана, а до ден-денес се води како исчезната. Оваа девојка бара помош на социјалните мрежи, каде што бројката на следбеници изнесува речиси 200 илјади лица. Што се знае досега за случајот за исчезнувањето на малата Медлин и дали навистина може да се утврди дека оваа девојка е токму таа?

КАКО ИСЧЕЗНА МАЛОТО ДЕВОЈЧЕ

На трети мај 2007 година, за време на семеен одмор што тригодишната Медлин Мекен го поминувала во познатиот португалски комплекс „Алгарве“ заедно со своето семејство, малото девојче исчезна и до денес никој не може да го пронајде.
Откако родителите ги заспале Медлин и нејзините брат и сестра близнаци, заминале отспротива, на вечера со пријателите. Бидејќи и нивните пријатели имале деца, секој од нив ги проверувал децата во двете соби. Првата проверка ја извршил таткото на Медлин, кој не забележал ништо сомнително, децата спиеле, но, според неговото сеќавање, кога излегле, тој ја оставил вратата малку подотворена, додека при проверката таа била ширум отворена.
Следна на ред била мајката на Медлин, но пријателот Метју Олдфилд одлучил да оди да ги провери децата. Забележал дека вратата од собата каде што спиела Медлин со нејзините брат и сестра била широко отворена, но бидејќи не слушнал никаква бучава, не погледнал во неа да види дали децата спијат.
Мајката на Медлин, Кејт, ја извршила проверката на децата околу 22 часот. Кога се обидела да ја затвори вратата, таа треснала како кога има провев, па, така, всушност таа погледнала во прозорецот од собата и увидела дека тој е отворен. Тогаш погледнала во креветот, каде што биле мечето и ќебето на Медлин, но девојчето го немало. Откако го пребарала апартманот, таа истрчала во ресторанот, врескајќи дека некој ја украл нивната ќерка.
Минатата година, по неколкугодишно тапкање во место, јавноста доби нови информации за случајот. Беа пронајдени нови факти и докази против главниот осомничен за исчезнувањето на Медлин Мекен, иако тие не беа форензички докази што дефинитивно би го смениле текот на истрагата.
Властите во Фаро, Португалија, тогаш соопштија дека осудениот силувач Кристијан Брикнер (44) официјално е осомничен за исчезнувањето на девојчето од Велика Британија. Ова е првпат португалските власти да посочат официјален осомничен во случајот, откако родителите на Медлин, Кејт и Гери Мекен, беа осомничени во 2007 година. Сомнежите за родителите беа отфрлени во 2008 година. Брикнер претходно негираше вмешаност во исчезнувањето на девојчето.

ДАЛИ ПО ТОЛКУ ГОДИНИ МОЖЕ ДА СЕ УТВРДИ НЕЧИЈ ИДЕНТИТЕТ

На прашањето дали девојката што тврди дека е Медлин е навистина таа, најточен одговор може да даде науката.
Експертите што работат на форензика се децидни. Тие велат дека сите имаме единствени карактеристики во нашиот ДНК-материјал, кој е направен така што е создаден односно наследен половина од нашиот татко, а половина од нашата мајка. Тоа може со сигурност да потврди дали девојката што тврди дека е Медлин, која исчезна пред дваесетина години, е навистина таа.
– Не можете да ја анализирате целата ДНК, бидејќи тоа е прескапо. Веројатноста дека од мал примерок ќе добиете точен резултат е сто проценти сигурна. Тоа е пресметка. ДНК-анализата е апсолутно сигурна. Постојат случаи на еднојајчени близнаци чија ДНК е исто така различна иако се близнаци – велат експертите.

ВО КОИ СЛУЧАИ СЕ ПРАВИ ДНК-АНАЛИЗА

Упатените и експертите сметаат дека најчеста причина поради која се прави ДНК-анализа е во согласност со истрагата и потребите на полицијата и судско-кривичните постапки. Врз ДНК-анализата како доказ се базираат пресудите. Доста често ДНК-анализи се прават и за утврдување татковско.
– Постмортем-примероците утврдуваат и покажуваат од што починало детето непосредно по раѓањето или за време на раѓањето. Во овој случај, дали детето исчезнало или е украдено и на тој начин родителите можат да дознаат дали детето навистина починало или е украдено – смета Душан Кецкаревиќ, форензички генетичар и молекуларен биолог на Биолошкиот факултет во Белград.
Според него, технологијата е пресудна во ДНК-анализата, која може да даде одговори на сите прашања кога треба да се идентификува присуство на некоја личност во некоја просторија.
– Дури и ако со голо око не може да се види дека во таа просторија нешто се случило и дека всушност има траги, морате на повеќе начини да претпоставите како можело нешто да се случи. Колку помалку траги има на местото на злосторството, толку повеќе хипотези мора да имате. Помалку докази, повеќе хипотези – смета тој.
Кецкаревиќ вели дека релевантни докази мора да постојат доколку станува збор за убиство.
– Мора реално да објасните зошто недостигаат траги, не да поставувате хипотези. Во таа смисла, колку е подобра истрагата толку повеќе ќе има материјал за анализа и толку поточна информација – смета тој.
Според него, староста на примерокот не е важна кога е во прашање неговата веродостојност.
– Сѐ зависи од начинот на чување на ДНК-материјалот. Петстотини години стара коска може да даде неверојатен резултат, а некогаш примерок од вчера да не даде никаков резултат затоа што бил лошо складиран – вели Кецкаревиќ.

[email protected]