Фото: Маја Јаневска-Илиева

Дневен билет чини од 8 до 12 евра (500-750 денари), пакет влезници за сите натпревари од групата Ц, во Скопје, од 50 до 75 евра (3.100-4.650 денари), а само за петте меча на Македонија од 30 до 50 евра (1.850-3.100 денари). Влезниците може да се купуваат онлајн, преку интернет-страницата на ЦЕВ. Македонија е во група со Полска, Холандија, Данска, Чешка и со Црна Гора

ОДБОЈКА

Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ) ги пушти во продажба влезниците за годинашното Европско првенство (ЕП) за мажи, чиј кодомаќин е Македонија, на групата Ц, во Скопје, а сите натпревари ќе се играат во СЦ „Борис Трајковски“. Другите групи ќе се играат во Италија, Бугарија и во Израел.
Покрај репрезентацијата на Македонија, љубителите на одбојката во Скопје ќе можат во живо да ги гледаат и велесилите, како што се Полска и Холандија, потоа Данска, Чешка и Црна Гора. Во осминафиналето ќе се пласираат по четири најдобри репрезентации од секоја од четирите групи.
Влезниците се продаваат во две категории. Така, дневен билет за сите дуели во еден ден чини од 8 до 12 евра (500-750 денари) во зависност од местото во салата и може да се купуваат онлајн. Пакет влезници за сите натпревари од групата Ц се продаваат по цена од 50 до 75 евра (3.100-4.650 денари). Пакет влезниците, пак, за петте меча што ќе ги одигра Македонија се продаваат за цена од 30 до 50 евра (1.850-3.100 ден.), што значи дека една влезница за меч на Македонија чини околу 370 денари и можат, исто така, да се купуваат онлајн преку интернет-страницата на ЦЕВ.
Македонија е кодомаќин на годинашното Европско првенство (од 18 август до 16 септември) заедно со Италија, Бугарија и со Израел. Македонија дебитира на европските првенства во 2019 година и на премиерниот настап, во групата во Љубљана забележа две победи, од кои една против подоцнежниот европски вицепрвак Словенија. Потоа настапи на Европското првенство што во 2021 година се играше во Полска, Чешка, Естонија и во Финска. Во пресрет на ЕП 2023, во мај годинава Македонија, по четири настапи во Сребрената европска лига, ќе игра скалило погоре, во Златната европска лига. Г.И.


СОСТАВ НА ГРУПИТЕ ЗА ЕП 2023

А: Италија, Швајцарија, Србија, Германија, Белгија и Естонија
Б: Бугарија, Финска, Словенија, Украина, Хрватска и Шпанија
Ц: Македонија, Црна Гора, Полска, Холандија, Чешка и Данска
Д: Израел, Романија, Франција, Турција, Португалија и Грција