Пред една недела на белградскиот аеродром „Никола Тесла“ слета авион од Шпанија во кој се наоѓаше Лука Бојовиќ, човекот што по отслужувањето на десетгодишната затворска казна се врати во родната Србија. Бојовиќ како водач на криминална група во Шпанија беше осуден на вкупно 18 години затвор, но беше ослободен откако отслужи нешто повеќе од половина од казната. Во Србија нема ниту една кривична постапка против него, но тој мора да помине низ одредена процедура за да му бидат издадени нови документи
Во белградската јавност веќе протече информацијата дека српската полиција го предупредила Лука Бојовиќ, некогашниот „водач на Земунскиот клан“, кој беше осуден на 18 години затвор во Шпанија, а одлежа десет, по што беше ослободен, дека неговата безбедност во Србија е загрозена. Во исто време, во јавноста се прикажуваат приказни за начините на кои и тој самиот презел мерки на претпазливост. Свесен е дека е лесна цел по враќањето во Белград, тој веќе има обезбедено голем број телохранители, а со пријателите и колегите комуницира исклучиво преку телефонот на неговата мајка Анѓелка.
За издвојување е информацијата дека Лука Бојовиќ додека ја издржуваше казната во Шпанија се зближи со кланот „Шкалјари“, кој остана без водач по убиството на долгогодишниот лидер Јован Вукотиќ, на 8 септември. Сега безбедносните експерти се сомневаат дека е можно тој да ја преземе позицијата на лидер во кланот „Шкалјари“.
Во тој контекст, истражните органи веќе имаат индиции дека лидерот на соперничкиот Кавачки клан, Радоје Звицер, веќе издал наредба за ликвидација на Лука Бојовиќ.
Можна е и крвна одмазда?
За потсетување, братот на Лука Бојовиќ, Никола, е убиен во април 2013 година, а се претпоставува дека причина за оваа ликвидација била војната што Лука Бојовиќ ја водел со црногорското семејство Шарановиќ. Во таа војна двете страни се воделе по начелата на крвната одмазда, а директниот извршител на убиството на Никола, Саша Цветановиќ, познат како Питбул, од затвор го обвини Лука дека од одмазда го наредил убиството на неговиот брат Југослав!
Според мислењето на семејството Шарановиќ и другите соперници на Лука, Никола е убиен како одмазда за убиството на Бранислав Шарановиќ.
– Семејството Шарановиќ прво го поврза Бојовиќ со исчезнувањето на млад човек, син на нивен пријател од Црна Гора, а потоа и со убиството на Бранислав Шарановиќ, иако овие тврдења никогаш не беа докажани. Но Слободан Шарановиќ тогаш се заколна дека ќе го одмазди својот брат и повика на крвна одмазда – потсетува соговорникот за медиумите.
Шарановиќ се огласил дека ќе му плати дебела сума на секој што ќе открие информации за убиецот на неговиот брат. Тој не штедел пари за да ја исполни крвната одмазда, па понудил дури еден милион евра за информација за убиецот на неговиот брат.
– На Лука Бојовиќ, за кого цврсто верувал дека го наредил убиството на неговиот брат, му вратил според старото црногорско обичајно право – со крвна одмазда. Како што се сомнева и шпекулира низ подземјето, за таа цел го наредил убиството на неговиот брат, за што го ангажирал Саша Цветановиќ, познат како Питбул – додава соговорникот.
Питбул беше правосилно осуден на 35 години затвор за убиството на Никола Бојовиќ, а во текот на судењето го загуби својот брат Југослав, кој беше убиен во Врање, на 27 септември 2017 година. Неколку дена подоцна Цветановиќ од говорницата на судот му се обрати на Бојовиќ: „Ти честитам Лука Бојовиќ што го уби брат ми!“.
Но, се чини, не е тоа единствената закана за животот на Бојовиќ. Дека и самиот тој е свесен за опасностите и дека презема максимални мерки да ги избегне непосакуваните ситуации зборува и настанот за кој пренесуваа белградските медиуми. Имено, ден по враќањето во Србија од Шпанија, тој ги посети гробовите на своите најблиски, братот Никола, таткото Вук, кумот Милорадовиќ, пријателот Раде Ракоњац и Жељко Ражнатовиќ-Аркан. Тој ги посетил гробиштата околу 21.30 часот, дури кога видел дека нема опасност! Како претходница имало неколку девојки што ги надгледувале гробиштата и дури откако тие му потврдиле дека може да оди, тој се појавил на гробиштата.
Во контекст на неговото крајно редуцирано движење и мерките за безбедност, медиумите потсетуваат дека Бојовиќ во телефонски разговор со пријател уште пред неколку години рекол дека никогаш нема да се врати во Србија.
– Никогаш не ми паѓа напамет да се вратам во Србија, иако таму сега сум слободен човек. Во Белград може да ме вратат само во сандак. Никогаш нема да се вратам во мојата земја, многу сум разочаран, ништо не ме врзува за Србија веќе, за мене таму веќе нема живот – изјавил тогаш Бојовиќ.
На својот пријател му рекол и дека е среќен што е слободен човек во Србија, бидејќи докажал дека не е криминалец, туку дека неговото семејство е во Шпанија и дека сака да продолжи да живее таму кога ќе излезе од затвор.
Поврзаност со Земунскиот клан
Лука, синот на легендарниот директор на белградската Зоолошка градина, Вук Бојовиќ, е присутен во криминалното подземје во Србија уште од 1990-тите, кога заедно со Милорад Улемек-Легија бил член на паравоената формација „Тигри“ на Жељко Ражнатовиќ-Аркан. Пред да биде уапсен во Шпанија, Бојовиќ важеше за еден од клучните играчи во балканскиот криминален свет. Неговиот брат Никола Бојовиќ, кој не беше вмешан во криминал, беше убиен во 2014 година, кога напаѓач го изрешети со автоматско оружје на улица во Белград. За убиството подоцна беше осуден извршителот, на затвор во траење од 35 години. Додека Лука Бојовиќ беше во затвор почина и неговиот татко, а беше убиен и неговиот адвокат. Животот го изгубија и неколкумина блиски соработници и пријатели на Бојовиќ.
Во 2010 година, белградското обвинителство за организиран криминал поднесе обвинение против Бојовиќ. Во обвинението се наведува дека тој бил водач на Земунскиот клан по убиството на Душан Спасојевиќ и Миле Луковиќ, кои дотогаш биле водачи на Земунскиот клан. Обвинителството изјави дека Бојовиќ ја консолидирал својата власт по апсењето на Милорад Улемек-Легија.
Тој претходно беше обвинет за убиство на Бранко Јефтовиќ во 2004 година и за обид за убиство на Андрија Драшковиќ и Зоран Недовиќ, при што беа убиени нивните телохранители. Во обвинението се наведува дека Бојовиќ ги обвинувал Драшковиќ и Недовиќ за убиството на неговиот пријател Жељко Ражнатовиќ-Аркан.
Високиот суд во Белград наредил повлекување на налогот за апсење на Бојовиќ бидејќи Специјалниот суд во Белград го ослободил од сите обвиненија во 2015 година поради недостиг од докази. Таа пресуда ја потврдил и Апелацискиот суд, па сега Србија не го товари Бојовиќ за никакво кривично дело.
Засега официјално не е соопштено дали покрај мерката протерување добил забрана за влез на територијата на Шпанија или на Европската Унија. Инаку, семејството, сопругата и децата на Бојовиќ живеат во Шпанија, додека неговата сестра и мајка се во Србија.