Пред неколку години, ФБИ ја стави Игнатова на листата на најбарани криминалци во светот. Таа се наоѓа во група од 1.950 бегалци, од кои само 11 се жени и токму таа е на првото место. Тие дури и нудат награда од 100 илјади долари за оној што ќе успее да им даде информација што ќе ја одведе полицијата до самопрогласената кралица на криптовалутите
РУЖА ИГНАТОВА, ТВОРЕЦОТ НА УАНКОИН (УБИЕЦОТ НА БИТКОИНОТ), НЕ Е ИСЧЕЗНАТА
Ружа Игнатова, жената со потекло од соседна Бугарија што милуваше себеси да се нарекува криптокралица, веќе неколку години се наоѓа на листата на најбарани криминалци на американското Федерално истражно биро (ФБИ). Со својата криптовалута уанкоин таа успеа да измами илјадници граѓани, а изминативе денови нејзиното име повторно ја бранува јавноста, поради продажбата на еден од нејзините имоти, зад што, според познавачите, се чини дека стои токму Игнатова.
КОЈ СТОИ ЗАД ПРОДАЖБАТА НА ИМОТОТ НА КРИПТОКРАЛИЦАТА?
Криптокралицата повторно се најде во центарот на вниманието откако британските медиуми пишуваат за продажбата на нејзиниот луксузен апартман во Лондон.
Според пишувањата, кога луксузниот апартман бил ставен на продажба, сите помислиле дека Игнатова работи од заднина,односно дека таа стои зад продажбата. Според изворите, луксузниот апартман во лондонскиот кварт Кенсингтон бил пуштен во продажба за 15,5 милиони долари, а потоа цената била намалена на 13,6 милиони долари.
Најт Френк, агент за продажба на недвижности, всушност, е човекот што го огласил апартманот на продажба, но набрзо потоа го отстранил огласот, бидејќи во јавноста беше откриено дека имал врски со криптокралицата.
Според новинарот Џејми Бартлет, кој многу години ја истражува темата со Игнатова, целата ситуација сугерира дека таа е жива и дека таму некаде вешто се крие од властите и од нејзините жртви.
Многумина од познавачите во Велика Британија тврдат дека Игнатова со овој акт успеала да покаже дека е жива, иако сѐ уште е тешко да ѝ се влезе во трага.
Јавниот обвинител Џералд Рубсам истакна дека се надева оти парите од продажбата на луксузниот имот на криптокралицата еден ден би можеле да се искористат за исплата на оштетените од Понзиевата шема на Игнатова.
– Сè уште не е јасно дали парите ќе одат за инвеститорите на уанкоин, мора да почекаме и да видиме како ќе напредуваат работите – рече обвинителот.
Според бугарските медиуми, пак, зад продажбата на луксузниот имот не стојат ниту Владата на Обединетото Кралство ниту Игнатова, туку обвинители од северозападниот германски град Билефелд.
Овој град, освен што е познат по седиштето на познатата компанија за прехранбени производи „Д-р Еткер“, познат е и по тоа што е дом на специјалисти за економски криминал, кои го водат случајот за уанкоин. Токму со нивно одобрение, луксузниот апартман на Игнатова повторно бил огласен за продавање, бидејќи е предмет на судски налог уште од 2021 година, откако Би-би-си откри дека таа во тајност го купила овој апартман. Германските обвинители дополнително го обвинија и адвокатот на криптокралицата за перење пари, бидејќи токму тој, односно неговата канцеларија префрлила 20 милиони евра за да може овој апартман да биде во сопственост на Игнатова. Адвокат ги отфрла обвиненијата, а судскиот процес против него сѐ уште е во тек.
Федерални обвинители на САД за уанкоин тврдат дека тоа била една од
најголемите меѓународни шеми за измама што некогаш се појавила
Во јуни 2022 година, ФБИ ја стави Игнатова на листата на 10 најбарани криминалци во светот. Таа се наоѓа во група од 1.950 бегалци, од кои само 11 се жени и токму таа е на првото место. ФБИ дури и нуди награда од 100 илјади долари за оној што ќе успее да им даде информација што ќе ја одведе полицијата до самопрогласената кралица на криптовалутите.
Бугарката Ружа Игнатова (43) во јуни 2016 година се нарекуваше „криптокралица“ и ја промовираше својата компанија „Уанкоин“ како исплатлив ривал на биткоинот на растечкиот пазар на криптовалути.
– За две години никој веќе нема да зборува за биткоин – кажа Игнатова тогаш во Лондон, на што инвеститорите реагираа со аплауз.
Шеснаесет месеци подоцна, Игнатова се качи на авион од Софија и оттогаш ѝ се губи секаква трага.
„Уанкоин“ е пирамидална шема што ги измами клиентите за четири милијарди долари откако Игнатова ги убеди инвеститорите од САД и низ светот да вложат големи пари во компанијата. Американските федерални обвинители ја опишуваат „уанкоин“ како една од најголемите меѓународни шеми за измама што некогаш се појавила, создадена токму со таа цел – да измами што е можно повеќе лица.
Игнатова и нејзините соработници ги измамија клиентите со тврдењето дека уанкоин ќе биде убиец на биткоинот.
Игнатова исчезна во октомври 2017 година и нејзиното лице се најде на потерниците и во светските медиуми. Таа е и меѓу најбараните бегалци во Европа. Инаку, таа е германска државјанка родум од Бугарија. Родена е во Русе во 1980 година, а емигрирала во Германија со своето семејство кога имала десет години. Постојат тврдења дека можеби студирала на Универзитетот во Оксфорд во Англија, но оттаму нема потврда за такво нешто. Во 2005 година, таа докторирала по меѓународно приватно право на Универзитетот во Констанца во Германија.
ФБИ верува дека Игнатова патува со вооружена придружба и оти можеби имала пластични операции по кои го променила изгледот, а медиумите отидоа дотаму што објавуваа и фотомонтажи на кои се гледа како би можела денес да изгледа криптокралицата.
Судските документи за случајот укажуваат дека таа и коосновачот на „Уанкоин“, Карл Себастијан Гринвуд, наводно, го почнале нивниот проект знаејќи дека станува збор за пирамидална, односно Понзиева шема.
Комуникацијата по мејл помеѓу Гринвуд и Игнатова открива дека тие ги нарекувале инвеститорите „идиоти“ и велеле дека се „луди“ затоа што веруваат во уанкоин и вложуваат пари во него.
Помеѓу крајот на 2014 и крајот на 2016 година, инвеститорите вложиле повеќе од четири милијарди долари во компанијата „Уанкоин“.
Измамата почна да се разоткрива во 2016 година кога инвеститорите имаа тешкотии при продажбата на криптовалутите, со цел да ги вратат вложените пари. Игнатова беше обвинета за измама во САД во октомври 2017 година, при што се соочува со неколку прекршоци, кои поединечно носат максимални затворски казни до 20 години.
Таа избега со комерцијален лет од Софија кон Атина, во октомври 2017 година. Оттогаш не е познато каде се наоѓа. ФБИ верува дека е можно да патувала во Обединетите Арапски Емирати, Германија, Русија, други дестинации во Источна Европа, а можеби и во Бугарија.
Минатиот месец, коосновачот на „Уанкоин“, Карл Себастион Гринвуд, се изјасни за виновен за обвиненијата за измама и перење пари, поднесени против него од обвинителите во јужниот округ на Њујорк. Во 2019 година, адвокатот на „Уанкоин“, Марк Скот, беше прогласен за виновен за заговор за перење пари и банкарска измама од страна на Окружниот суд на САД во Менхетн. Братот на Игнатова, Константин Игнатов, исто така се изјасни за виновен за обвиненијата за измама и перење пари.