Баба Дона Ковачева со Марко Секулички, Гоце Делчев, Михаил Герџиков, Петко Пенчев и Тодор Станков (сите на задниот ред) во Ќустендил, 1902 г.

Гоцевите писма како најавтентичен извор на неговиот светоглед

Во историските архиви, како што е Државниот архив на Македонија, постојат голем број оригинални писма од кореспонденцијата помеѓу Гоце Делчев и неговите блиски соработници во македонското револуционерно движење, како што е Јордан Поп Јорданов, еден од гемиџиите и солунските атентатори, или Борис Сарафов, водач на Врховниот македонски комитет. Споменатите писма и кореспонденција се едни од најавтентичните историски извори што го осветлуваат ликот и делото на најголемиот македонски национален херој, кој го трасираше патот кон македонската државност и самобитноста на македонскиот народ. Од споменатата кореспонденција постојат и писма што се своерачно напишани и потпишани од самиот Гоце и на најдиректен начин ги претставуваат неговите погледи и ставови за голем број прашања што се поврзани со активностите за создавањето на македонската држава. Некои од писмата ги потпишувал само како Гоце, но поради конспиративниот карактер на револуционерната дејност многу од писмата се потпишани со псевдонимот Ахил.
Во писмото испратено до Ефрем Каранов (пунктовен началник на МРО во Ќустендил), од 17 октомври 1895 година, Гоце на многу јасен начин ги разобличува врховистичката идеологија и манипулациите со македонското револуционерно дело. Во писмото, Гоце посочува: „Пред неколку недели г. Чакаров се јавил со офицерска униформа (чин поручник) во Виница со намера да прогласи внатрешно востание! Благородна намера! Нема поспасоносен лек од оној со кој се зафатил Чакаров. Ослободувањето на Македонија лежи во внатрешното востание. Оној што мисли дека Македонија ќе се ослободи поинаку, тој се лаже и себеси и другите“.

Напишаното е потврда дека Делчев, но и другите водачи на Македонската револуционерна организација (МРО), воделе самостојна и независна политика во однос на прашањето за ослободувањето на Македонија. Во понатамошниот дел од писмото можеме да прочитаме: „Но кои се тие што ќе се кренат сега на востание? Г. Чакаров ли? Ако востание може да се крене со 40 души, Македонија одамна ќе беше слободна државичка. Но бидејќи тоа е невозможно, а треба луѓе, тогаш што да прави? Треба тој народ да се разбуди од петвековниот длабок сон, којшто го направил Македонецот доста дебел во свеста за човечка правина. И тоа ако не целиот народ, тогаш барем еден дел од него, па тогаш, наместо г. Чакаров да бара 40 души, ќе го бараат него 400, за да застанат под неговото знаме. Ако не стане така и ако се прогласи востание, жално ќе биде за народот, а тешко и горко за виновникот. Жално е зашто залудно ќе се изгубат најмлади сили (едни по зандани, други по бесилки), ќе се остават невини Македонки на самоволието на скотските и жестоки страсти на дивјаците и најпосле ќе останат под јатаганот на Азиецот 5-годишни деца и 70-годишни старци и за сето тоа виновникот ќе биде одговорен и пред својата совест, и пред народот, и пред историјата“.
Овој дел од писмото е особено значаен затоа што Гоце многу јасно ја образложува крајната цел на македонската кауза, односно слободна македонска држава, со што сите квазиисториски тврдења дека Гоце се борел за припојување на Македонија кон бугарската држава немаат основа. Од друга страна, во посоченото писмо Гоце јасно говори за „Македонецот“ или „невини Македонки“, со што јасно се потврдува македонскиот карактер на револуционерното движење.
Од писмата и кореспонденцијата на Гоце дознаваме и одредени негови идеолошки афинитети, како што е влијанието на некои од анархистичките идеи. Во неговото писмо до Никола Малешевски од мај 1897 година можеме да прочитаме: „Тешко му е на човек да има работа со шарлатани, какви што се овдешните управници; тешко и нам, што нуждата нѐ натерала да бараме помош од нив; но што да се прави, давеникот се фаќа и за сламка. Го знам тоа дека власта е симбол на измама, насилство и грабеж, но ти велам, нашата потреба диктирала да се обрнеме кон такви политички камелеони. Ми пишуваш да ти телеграфирам да заминеш во Софија, за да се забрза праќањето. Знај дека си бессилен пред нивните насмевки (скриени подбиви) и пред нивните голи ветувања; ќе се вратиш побос отколку што си бил пред тоа. Гешефт, гешефт и пак гешефт (нечесна работа б.н.) – ете ти сѐ. Ете, тоа е мојот одговор, тоа се зборовите, кои, наместо по телеграфска жица, би сакал да минат низ твоите чувствителни жици и да се отпечатат во твојата душа под наслов: гони ги управниците, мрази и востанувај против секој владетел“.

Гоце Делчев како задграничен претставник на Македонската револуционерна организација (МРО), заедно со Ѓорче Петров и во согласност со Централниот комитет и Дамјан Груев, со низа активности се обидува да ја преземе контролата на Врховниот македонскиот комитет во Софија. Оваа активност имала цел да го спречи мешањето на бугарската влада и двор во македонските работи, а од друга страна да се канализира финансиската и моралната помош на многубројната македонска емиграција во Бугарија. Од оваа активност на Гоце произлегува соработката со Христо Станишев и Борис Сарафов. Всушност, Сарафов со поддршка на Гоце Делчев и МРО застанува на чело на Врховниот македонски комитет.
Ова се потврдува од неколку писма. Во писмото до Никола Зографов од 21 јули 1898 година, Гоце информирал дека го поддржуваат Христо Станишев (македонски инженер во Бугарија, учесник во македонското револуционерно движење и претседател на Македонскиот комитет, учесник во Големиот македонски собор од 1933 година) затоа што идеолошки бил близок до МРО. Во писмото можеме да прочитаме: „Имаме намера да дејствуваме, доколку ни се укаже можност, за да се пробие листата на Станишев, којшто е многу поблизок во својата програма и чесен човек, отколку Ковачев. Последниот и Љапчев, како што изгледа, ќе претстават свои листи. Вчера се сретнав со Кепов, којшто ми јави дека за делегат сте го избрале Бојаџиски. Не ќе биде лошо ако му ги осветлите нашите работи и ако му ја препорачаш листата на Станишев“.
Во едно друго шифрирано писмо до Никола Зографов од 1899 година, Гоце ја потврдува соработката за Борис Сарафов. Во писмото можеме да прочитаме: „Не знам Ѓорче дали ти пишал нешто за земеното решение по случај свикувањето на конгресот за избирање нов состав во комитетот. Се донесе решение да си ја дадат кандидатурата Борис Сарафов, Славчо Ковачев, Бозуков и Давидов и двајца цивили… Ние речиси отворено ќе дејствуваме согласно само со горната листа и за да се развие посилно здружување меѓу овдешните и внатрешните, ќе влегуваат во тој комитет како редовни членови и двајца од Внатрешната организација. Дали ќе се исполни тоа решение, ќе зависи од делегатите. Погрижи се да изберете таков човек, којшто ќе гласа за горната листа. Можете да му дадете изрично задолжение да гласа за луѓето што ја имаат довербата на внатрешните и да можат да работат со нив“.

Од писмата и кореспонденцијата на Гоце може да се дознае и неговата соработка со левичарите во Бугарија. Во писмото на Гоце од 10 април 1901 година, испратено до револуционерниот комитет во Горна Џумаја, можеме да прочитаме: „Ѓорче (Петров б.н.) утре ќе се предаде во рацете на полицијата… Офицерите не успеаја на конгресот. За понатаму ќе видиме како ќе ја тераме со новиот состав. Во тој состав провејуваат повеќе социјалистички гледишта коишто се мошне слични со нашите. Се разбира, ограничени во рамките на политичката револуција“.
Соработката на Гоце со Борис Сарафов се потврдува и од писмото од 11 септември 1902 година. Во тој период Сарафов престојувал во Виена и го информирал апостолот за намерите и стремежите на Србија кон македонското прашање. Во писмото можеме да прочитаме: „Со внесувањето оружје од српска страна тие сметаат дека ќе му станат симпатични на населението барем во оние реони каде што ќе влезе нивна пушка… сметаат дека кога ќе бидат во пријателски врски со нас, помалку или никако нема да се пречи на нивната пропаганда во Македонија… тие преку нас сакаат да си извојуваат една стабилна положба таму, која ќе биде во хармонија со нивните претензии за дележ на Македонија. Со своите врски со нас, тие… ќе сакаат да ја сопрат Бугарија… тие мислат да устројат комитет во Белград со друштва низ цела Србија, а со тоа сметаат уште посилно да воздејствуваат во Македонија и пред светот“.
На крајот од писмото Сарафов запрашува: „Дали треба да се прифати поткрепа од српската влада, притоа допуштајќи дека таа сака да нѐ употреби за зајакнување на нејзината пропаганда во Македонија и сл.? Впрочем таа поткрепа не е ни предложена, но ми кажаа дека ќе ме повикаат, кога сѐ ќе биде готово“.

Гоце Делчев како една од најкрупните фигури во македонското револуционерно движење соработувал со многумина, без разлика на нивните убедувања, во смисла дали станувало збор за анархисти или социјалисти. Во овој контекст, неговиот стремеж бил обединување на сите, без разлика на идеолошките принципи. Оттука произлегла и соработката на Гоце со гемиџиите, кои ги организираат Солунските атентати. Ова се потврдува од писмото на Јордан (Орце) Поп Јорданов до Гоце Делчев, од 14 мај 1902 година.
Во споменатото писмо можеме да прочитаме: „Кога бев во Софија посакав да се сретнам со тебе. Јас мислев дека нашите стари односи ми дозволуваат да ја направам ова нахалност. Тие не прифатија, иако тоа не го кажаа директно… Едно време, Гоце (ако не си заборавил) ти се колнеше, се печеше да нѐ увериш, дека ни сочувствуваш, дека штом ќе се појави случај ќе работиш солидарно и уште какви ли не ветувања. Но, тоа беше едно време, а сега друг ветар вее, та затоа остави, бидејќи не сакаш да слушнеш за некаква поддршка за нас, туку си започнал да ни пакостиш. Тешко ви е пак, кога не ви признаваме власт за морални сили… јас ти реков дека во иднина ако работиме солидарно со Вас, или пак ако не работиме – ние претходно ќе ви кажеме сѐ што мислиме да правиме… Ние имаме работа со стариот Централен – ќе се позанимаваме со пародијата и на сегашниот Централен…“.
Напишаното е потврда за соработката на Гоце со гемиџиите, но и потврда за недоразбирањата што настанале. Причините за недоразбирањата е настојувањето на гемиџиите да ја зачуваат самостојноста во дејствувањето од Централниот комитет на МРО, како и обидите на самиот Централен комитет да ги контролира гемиџиите. Меѓутоа, и покрај недоразбирањата, Гоце и понатаму продолжил да ги поддржува финансиски и морално, настојувајќи да ја усогласи и координира нивната активност со активностите на Македонската револуционерна организација (МРО). Д. Ст.